Според правилата на Олимписките игри, фудбалските репрезентации се составени од млади фудбалери и само тројца играчи постари од 23 години. Селекторите на сите репрезентации се одлучија да повикаат звучни имиња во своите состави, па фудбалските сладокусци ќе имаат со што да уживаат во исчекување на почетокот на националните првенства.
Во отсуство на шампионот и вицешампионот од минатите Олимписки игри во Пекинг, репрезентациите на Аргентина и Нигерија, домашната репрезентација за прв пат обединета по 1960-та година се сметаше за еден од главните фаворити, но кладилниците не се согласуваат.
Според кладилниците, најголем фаворит за освојување на фудбалскиот турнир во Лондон е репрезентацијата на Бразил која во својот состав има повеќе млади ѕвезди како Нејмар, но и искусните Хулк, Марсело и Тиаго Силва. Коефициентот за победа на Бразил е 2,75.
Втор фаворит е Шпанија со коефициент 3,25 а во нивниот состав преовладуваат фудбалерите кои минатата година го освоија Европското првенство за фудбалери до 21 година.
Предводени од Луис Суарез и Единсон Кавани, актуелниот шампион на Јужна Америка, репрезентацијата на Уругвај е трет фаворит на кладилниците со коефициент 7,5.
Со 38 години и 909 натпревари за Манчестер Јунајтед, Рајан Гигс за прв пат настапува на еден голем турнир и тој ќе биде предводник на тимот на Велика Британија. Тие се домаќини на турнирот, но кладилниците не им даваат многу големи шанси. Коефициентот за Велика Британија изнесува 9.
Фудбалскиот турнир ќе започне на 26-ти јули, а првопласираните две репрезентации од секоја група ќе изборат пласман во четвртфиналето.
Група А: Велика Британија, Уругвај, ОАЕ, Сенегал
Група Б: Мексико, Јужна Кореја, Швајцарија, Габон
Група Ц: Бразил, Белорусија, Нов Зеланд, Египет
Група Д: Шпанија, Хондурас, Јапонија, Мароко
Натпреварите ќе се играат на шест стадиони во Велика Британија, а финалето е закажано за 11-ти август на стадионот Вембли.