Легендарниот Алесандро Дел Пјеро беше во Торино во славните денови кога се освојуваа титули, но и во црните денови на клубот кога само еден месец откако стана светски шампион со репрезентацијата на Италија, тој остана да ги брани боите на клубот и во Серија Б.
Неговото збогување беше со стил. Постигна гол, негов 289-ти гол во кариерата за Јувентус, а неговиот клуб стана прв клуб кој во сезона со 20 тима ја освои титулата без пораз. Јувентус постави нов рекорд со 20 примени гола, а на гостински терен оваа сезона прими само 8.
Целиот фудбалски свет застана на три минути кога во 58-та минута Дел Пјеро беше заменет од Пепе. Сите на теренот, на трибините, во баровите и дома пред ТВ екраните, сите беа на нозе и му аплаудираа за збогум.
Денес тој се збогуваше со навивачите на Јувентус и преку писмо објавено на неговата вебстрана:
ПОВЕЌЕ ОД ОВА НЕМА:
Повеќе од осум скудета
Повеќе од освојувањето на Серија Б
Повеќе од еден Куп на Италија (се надевам дека ќе бидат два)
Повеќе од четири Супер купа на Италија
Повеќе од една Лига на шампиони
Повеќе од еден Супер куп на Европа
Повеќе од еден Интерконтинентален куп
Повеќе од голот против Фиорентина
Повеќе од еден гол во „стилот на Дел Пјеро"
Повеќе од еден гол во Токио
Повеќе од моите солзи
Повеќе од еден гол против Бари
Повеќе од еден гол со петица во дербито на Торино
Повеќе од еден гол за „адвокатот"
Повеќе од прославата со испружен јазик по еден гол против Интер
Повеќе од асистенцијата кон Давид
Повеќе од голот 187
Повеќе од голот против Германија
Повеќе од Берлин
Повеќе од голот против Фросиноне
Повеќе од голгетерската награда во Серија Б
Повеќе од голгетерската награда во Серија А
Повеќе од овациите на „Сантијаго Бернабеу"
Повеќе од 704 натпревари во ист дрес
Повеќе од 289 гола
Повеќе од еден прекрасен слободен удар кој што го донесе Скудетото
Повеќе од голот против Аталанта
Повеќе од секој рекорд
Повеќе од дресот со број 10 и името Дел Пјеро на грбот
Повеќе од капитенската лента
Повеќе од се...
Сето тоа што вие ми го подаривте во овие 18 години. Благодарен сум ви што се смеевте, празнувавте, плачевте, пеевте, викавте за мене и со мене. За мене никогаш нема да постои поголема светост од црно-белиот дрес. Го исполнивте секој мој сон. Повеќе од се, денеска можам само да ви кажам: БЛАГОДАРАМ!
Секогаш со Вас,
Алесандро