Иако Љубинко Друловиќ направи пет измени во однос на дуелот со Украина, Македонија ја одржа својата мизерна форма и игра во најслабите квалификациите од осамостојувањето. Ова измачување во квалификациите за ЕП 2016 завршува со 10 меча за заборав од кои нашите фудбалери загубија 8, примија 17 голови и дадоа само 6.
Единствениот триумф во овој циклус останува оној против Луксембург, 142-ра фудбалска земја во светот, и тоа во 92 минута со голот на Бесарт Абдурахими на Филип Втори.
Македонската фудбалска репрезентација повторно немаше игра, креација и агресивност, особено во првите 45 минути во кои не упати ниту еден удар во рамките на голот. Единствената можност за гол беше ударот на Александар Трајковски во 13 минута кој биеше високо над голот.
Не одиграа ништо посебно ниту домаќините, но беа поконкретни и поблиску до гол. Во првото полувреме вкупно 6 пати шутнаа кон голот на дебитантот Митов Нилсон кој го замени Томе Пачовски кој се повлекува од репрезентација по овие квалификации.
Најсериозната шанса ја имаа преку Политиевич кој од корнер ја натскока одбраната на Македонија и биеше онаму каде што беше поставен Жута кој спаси чист гол. Првиот удар од корнер го изведовме во 42 минута откако Ибраими шутираше очајно од дваесетина метри во еден од стоперите на Белорусија.
Второто полувреме донесе подинамичен фудбал и поголема борба, но тоа не го промени резултатот. Во ситуација кога Македонската фудбалска репрезентација не умееше да се доближи до голот и да создаде прилика за гол, на три пати се закани од далеку.
Најпрво Ибраими во 55 минута шутираше во средината на голот, а Горбунов одбрани несмасно. Потоа по две минути Тричковски погоди еден од играчите на Белорусија, а топката од него удри во статива.
На ист начин се обиде и Трајковски кој во 66 минута кој не успеа да го отвори резултатот. Најопасни од далеку шутнаа домаќините кои упатија проектил кој заврши во дирекот и кој за малку не влезе во гол.
Ова беше првиот нерешен резултатот на нашиот национален тим во овие квалификации на кои во последните четири меча не успеа да постигне гол. Да ве потсетиме дека од неодамна сме 132-ра фудбалска земја во светот.