Долга е фудбалската авантура на Клаудио Раниери кој на 72 години му кажа збогум на фудбалот. Листата на екипи кои ги водеше во Италија, Шпанија, Англија и Франција изгледа вака:
Вигор Ламециа, Путеолана, Каљари, Наполи, Фиорентина, Валенсија, Атлетико Мадрид, Челси, Парма, Јувентус, Рома, Интер, Монако, Лестер, Нант, Фулам, Сампдорија, Ватфорд и Каљари.
Освои Куп и Супер на Италија со Фиоренција, потоа Копа дел Реј, Интертото Куп и Супер Куп на УЕФА со Валенсија и она врвното кое му ја одбележа кариерата е неверојатната титула во Премиер лигата со Лестер.
Има само 6 трофеи, но затоа има милион прекрасни спомени, стотици пријатели и илјадници навивачи кои го почитуваат и никогаш нема да кажат лош збор за него.
Раниери е човекот кој ги победи парите и во ера на богатите Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотенхем, успеа да ја освои Премиер лигата со Лестер.
Тоа се случи во сезоната 2015/2016, од нигде никаде, со клуб кој никогаш во својата 140 годишна историја не се радувал на таков успех. Рекорд до тој момент им било освојувањето на второто место и тоа во сезоната 1928/1929.
Чудото го оствари со стартен тим од 25 милиони евра, во ера кога играа или играат милијардите. Меѓу хероите во тим ги имаше Каспер Шмајхел, Н`Голо Канте, Ријад Марез, Џејми Варди, Андреј Крамариќ...
Ја заврши сезоната со 81 бода, 10 повеќе од Арсенал, 21 од Тотенхем, 25 од Манчестер Сити и Јунајтед. Загуби само 3 меча.
Дел од екипите кои ги водеше се огласија за неговото повлекување.
Валенсија:
„Се пензионира еден од најсаканите тренери во историјата на Валенсија. Клаудио Раниери, ти посакуваме сè најдобро во твојата нова етапа од животот. Големо благодарам“.
Наполи:
„Благодариме за сè Сер Клаудио Раниери, професионалец за пример и човек со вредности“.
Рома:
„Клаудио Раниери, благодарност за сè што им даде на нашите навивачи и на фудбалот“.
Раниери има посебно место во срцата на навивачите на Каљари. Во 1988-ма, како 37 годишник имал тешка задача, мал клуб од островот Сардинија да го извади од калта.
Во рок од две години успеал да слави две промоции, од Ц во Б и потоа веднаш во Серија А. Нешто кое ретко се гледа во историјата на италијанскиот фудбал. Потоа во третата сезона во Каљари пред да замине, му обезбедил опстанок на клубот.
31 година подоцна Каљари повторно се нашол во проблеми, овој пат во втора лига и на помош повторно пристигнал спасителот. Дојде во јануари 2023-та и на крајот го освои петтото место кое носи во плејоф.
Ги доби Венеција, Парма и Бари и го врати клубот во Серија А. Оваа сезона повторно се соочи со нов предизвик, а тоа е опстанокот кој им го обезбеди на едно коло пред крај во кое ја најави пензијата. 38 години како тренер, 50 години вкупно почнувајќи од играчките денови. Легенда.