Заробениот фудбалер во Катар размислува на самоубиство

Откако беше обвинета дека со поткуп стигна до домаќин на најголемиот фудбалски собир, а потоа се појави и скандал дека не ги плаќа мигрантите кои работат во изградбата на стадионите, земјата домаќин на Мундијалот во 2022 година уште еднаш си го оцрни името.

Францускиот фудбалер Захир Белунис повеќе од две години се наоѓа во заложништво во Катар, затоа што одлучи да го тужи својот поранешен клуб Ел Џаиш поради тоа што веќе две години не добил плата.

Но тоа го доведе до агонија затоа што не успева никако да извади виза за излез од земјата, се додека не ја повлече тужбата кон клубот.

„Се чувствувам како заробеник. Животот стана кошмар за мене, за мојата сопруга и моите две мали деца. Се обидувам да бидам најдобар татко, но имам многу тешкотии и кога ќе си легнам плачам како бебе. Оваа ситуација целосно ме убива ", вели фудбалерот.

Захир побара помош од Катарската фудбалска федерација, но од таму не му излегоа во пресрет, а не успеа да му помогне ниту Претседателот на Франција, Франсоа Оланд кој се обиде да го извлече. За сега за овој специфичен случај нема никаква интервенција од ФИФА.

Французинот минатиот месец беше информиран дека случајот е во завршна фаза и дека наскоро ќе може да си замине, но во комуникација со новинар од Си-Ен-Ен му пишал дека се чувствува многу лошо и дека сака да се самоубие.

Фудбалерот се наоѓа во лоша психичка, но и финансиска положба, а за да преживее морал да продаде се што има и со семејството да спие на под.

Со француските и катарските претставници повторно ќе има состанок по кој се надева дека конечно ќе биде слободен.

13 ноември 2013 - 15:24