Пријателскиот дуел го добија фудбалерите на Ривер Плејт со 1:0 од пенал и тоа беше сè што може да се издвои од играта. До 78 минута беше мирно и потоа му се отвори работа на судијата кој во гужвата имаше тешкотии да ги изброи играчите кои треба да добијат картони.
Прв со насилство почна дефанзивецот на Ривер Плејт Џонатан Маидана кој му удри глава на Тевез, а потоа легна уште еден играч на Бока кој сакаше само да го тргне настрана. Натпреварот заврши со 5 црвени картони, два за Ривер и три за Бока и уште 9 жолти картони.
Ваквите извештаи од големото аргентинско дерби се редовни за екипите чие ривалство трае 100 години. Двата клуба потекнуваа од квартот Ла Бока од Буенос Аирес. Ривер е оформен во 1901 година, а Бока во 1905-та и се претпоставува дека околу 70% од целата аргентинска тифо сцена навива за нив, 40% за Бока, а 30% за Ривер.
Првиот официјален натпревар го одиграа на 24 август 1913-та кој заврши 2:1 за Ривер. Доказ за нивната неизвесност е нивниот меѓусебен скор на сите натпреварувања кој вели 86 победи за Бока, 78 за Ривер и 76 нерешени средби.
Минатата година овие две екипи се судрија три пати за 10 дена, еднаш во првенството и два пати во осминафинале од Копа Либертадорес. Најхаотично беше на третиот нивни дуел кој беше прекинат откако петмина играчи на Ривер завршија во болница поради напад со солзавец на домашните навивачи.
Бока доби суспензија, парична казна од 200.000 долари, а беше казнета и со четири меча зад затворени врати, како и со забрана за патување на навивачите на гостување на четири натпревари. За безбедноста на тоа дерби беа ангажирани 1.200 полицајци.
Навивачите кои напаѓаа со солзавци, претседателот на Бока ги нарече болни.