Датумот 19 мај 1991 година е длабоко врежат во срцата на навивачите на Сампдорија кои го прославија првото и единствено Скудето во нивната историја.
Златните години на овој клуб стартуваат во 1986 година кога на кормилото седнува искусниот Вујадин Бошков, претходно тренер на екипи како Феенорд и Реал Мадрид, како и поранешен селектор на Југославија.
Сампдорија многу добро знаела кого да одбере за тренер, затоа што човекот за шест години им донесе пет трофеи. Успесите ги почнал со Купот на Италија кој успеал да го освои два пати по ред во 1988 и 1989 година.
На европска сцена Сампдорија два пати по ред се пласирала во финалето на Купот на куповите на победниците. Првото го загубиле од Барселона со 2:0, но втората шанса против Андерлехт не ја испуштиле.
Сампдорија се радувала и на трофеј во италијанскиот Супер куп во 1991 година, но таа година за нив е посебна најмногу поради Скудетото кое успеале да го освојат со седум бодови предност пред Милан.
Во тоа време во Серија А играле најдобрите играчи во светот како Марко Ван Бастен, Руд Гулит, Франк Рајкард, Лотар Матеус, Андреас Бреме, Јирген Клинсман, Диего Марадона, но Бошков имал свои адути како Роберто Манчини, Џанлука Виали, Џанлука Паљука, Атилио Ломбардо и Среќко Катанец кои ја играле сезоната од соништата.
Сампдорија била толку доминантна таа сезона што успеала по два пати да ги совлада двете екипи од Милано, исто како и бранителот на титулата, Наполи, а со Јувентус имале победа и нерешено.
Сезоната ја завршиле со само три порази, а на гостински терен примиле само пет голови на 16 натпревари. Признанието за најдобар стрелец отишло во рацете на Виали кој постигнал 19 голови.
Следната сезона Бошков успеал да го однесе тимот до финале во Лига на шампиони, каде загубил од Барселона на Вембли.
Сите 19 голови на Виали