Кога во контекст на трансферот на Мбапе во ПСЖ некој ќе каже дека не може фудбалер да вреди 180 милиони евра, мисли на некој ваков податок:
Европските клубови на неодамнешниот летен период за трансфери во просек платиле 30% повеќе отколку што вредат фудбалерите, се вели во истражувањето на швајцарската фудбалска опсерваторија (CIES).
Со помош на нивниот алгоритам за трансфер вредности, тие тврдат дека трансферот на Килиан Мбапе од Монако во ПСЖ е најпреценет. Според CIES вредноста на Мбапе изнесува 92,6 милиони евра, а Парижаните за него платија дупло односно 180 милиони евра.
За да пресмета вредност на играч, фудбалската опсерваторија користи разни статистики, вклучувајќи ги возраста, головите и освоените бодови на тимот, па така на пример Осман Дембеле го вреднуваат 95,8 милиони евра или малку повеќе од Мбапе, а Барселона за него плати 147 милиони евра.
Сега соберете ги бројките со зелена боја и пресметајте колку пари фукнале клубовите, повеќе отколку што вредат играчите. Ова се само 20 фудбалери од ова лето, а сумите се во милиони евра.
Инаку на оваа листа интересно го нема Нејмар кој за него ПСЖ плати 222 милиони евра и целосно ги помести границите во фудбалот. Трансферот беше критикуван и од ФИФПро, светскиот синдикат на фудбалери од каде изјавија дека правилата за трансфери на ФИФА се антиконкурентски, неоправдани и нелегални и ја повикаа Европската комисија да ги испита таксите за тој трансфер.
Инаку најголеми потрошувачи изминатово лето биле клубовите од Премиер лигата кои за трансфери потрошиле скоро три пати повеќе од Бундеслигашите.
2017-ма година стигна до нов апсолутен рекорд кога се во прашање трансферите во најсилните топ 5 лиги. Стигнаа до речиси 6 милијарди евра или четири пати повеќе од пред 7 години.
Споредено по клубови, најмногу пари потрошил ПСЖ, а најмногу заработил Монако. Скроз очекувано со оглед на тоа колку пари Парижаните извадија за Нејмар и Мбапе.