И покрај тоа што се повеќе расте бројот на поддржувачите на воведувањето на новите технологии во фудбалот, посебно по контроверзиите на натпреварот од Европското првенство помеѓу Украина и Англија, првиот човек на УЕФА порача дека тоа негативно ќе влијае на фудбалот.
„Мислам дека ФИФА прави историска грешка. Јас сум против воведувањето на технологија", изјави Платини.
Французинот беше главен протагонист на воведувањето на уште двајца судии зад головите на натпреварите од Лигата на шампиони, Лига Европа и Европското првенство.
„Во овие три години немаше ниту една грешка на натпреварите од Лигата на шампиони и Лига Европа. Имаше 12 случаи кога топката ја помина гол-линијата, а тоа го забележаа помошниците на судијата. Многу пенали, фаули и голови, со исклучок на "голот" на Украина против Англија беа одлучени од судискиот тим", додаде Платини.
„Украински фудбалер на почетокот на акцијата беше во офсајд. Ако сакате да воведете технологија на голот, тогаш што да правиме со офсајдите? Каде води тоа? Тоа не е прашање само за технологија на гол-линијата, туку во прашање е воведување на технологија во фудбалот. Целосно сум против тоа", заклучи претседателот на УЕФА.