Дека сè што е добро кратко трае, покажува и состојбата во Аталанта, клуб кој во последните година-две ја импресионираше фудбалска Европа со историски прв пласман во Лига на шампиони каде стигна дури до 1/4 финале.
Пред мечот со Удинезе минатиот викенд, а кој беше одложен поради обилни дождови во Удине, тренерот на Аталанта, Гасперини не го ставил Папу Гомез на списокот патници. Мечот не се одигра па сево ова помина без голема помпа, но инсајдери од Италија пренесуваат дека атмосферата во тимот е крајно нарушена. Веста ја пренесе и Дејли Мејл, иако нема потврда од реномираните италијански медиуми.
Аталанта и сеознава (втора во клупската историја) игра супер во Лига на шампиони каде пред само неколку дена го совлада Ливерпул на „Енфилд Роуд“, а вечерва ќе го брани второто место кое води во осминафинале, на „Јохан Кројф Арена“ против Ајакс.
Но во меѓувреме еден навивач на Аталанта, добро запознаен со состојбите во клубот, на Твитер објавил дека Гасперини и капитенот на екипата Гомез дури и физички се пресметале во соблекувална на полувреме од мечот со Мидтијалнд после што во игра на терен истрча Јосип Иличиќ наместо Аргентинецот.
Од тој момент до денес, Гомез и Гасперини не коментираа ништо на темата, а наводно сите фудбалери во екипата застанале зад капитенот. Поради ова Гасперини дури и понудил оставка кај управата, но претседателот Перкаси категорично го одбил.
На прес-конференцијата пред мечот со Ајакс, Гасперини вешто ги избегнал прашањата за конфликт со Гомез. Ја ставил важноста на пласманот во следна фаза пред се.
Претседателот Антонио Перкаси досега постојано ја фалеше работата на Гасперини за кого велеше дека би му дал доживотен договор, но прашање е како ќе реагира сега откако цела екипа застанала зад повремениот напаѓач на аргентинската репрезентација. Од друга страна, тифозите на Аталанта, познати во цела Европа по својата неверојатна верност и блискост со клубот, по се изгледа се на страна на искусниот Гасперини. Барем по она што може да се прочита на социјалните мрежи.