Историјата околу црно-белите дресови првпат донесени во Торино пред 100 и кусур години е општо позната (Јуве носел розеви дресови, па нивниот фудбалер Том Севиџ од Англија помогнал од Островот да се донесат нови црно-бели дресови). Од тогаш до сега Јуве и Нотс Каунти негуваа пријателски однос.
Но додека Јувентус напредувал во еден од најголемите светски клубови, англискиот уназадувал. Во моментов е член на петтата англиска лига по ранг и толку е во мизерна состојба, што не можат да си ги платат ни ланските дресови од Puma.
(Фото од пријателската меѓу Јуве и Нотс Каунти во Торино)
Германската компанија им најавила дека нема да им ја достават новата колекција опрема за новата сезона доколку не ги подмират долговите.
Управата на Нотс Каунти не ги исплатила ниту вработените во клубот по завршувањето на сезоната. Наскоро треба да се појават новите сопственици, но во меѓувреме пратеникот од градскиот совет Лилиан Гринвуд решил да му пише на Јувентус во име на Нотс Каунти и да побара помош за новите дресови, онака како што Нотс пред век и векови го помогнал италијанскиот клуб во 1903 година.
Пријателството меѓу овие два клуба и натаму трае, па така Јувентус го викна токму Нотс Каунти на пријателска средба по повод отворање на новиот ултра-модерен стадион „Алијанц Арена“ во 2011-та година.
Навивачи на двата клуба одвреме-навреме се посетуваат едни со други, па за очекување е дека богатиот Јувентус ќе го помогне својот брат во мака.