Познатиот веб сајт специјализиран за фудбал шест години по ред со помош на читателите го избира најдобриот играч од средината на теренот, а на претходните изданија победници беа Меси и Роналдо по два пати и еднаш Весли Снајдер.
Оваа сезона беше историска на Баерн Минхен кој ја заврши со тројна круна, а таму продефилираа фантастичните Бастијан Швајнштајгер, Чави Мартинез, Ариен Робен, Франк Рибери и Томас Милер кој се радуваа на Лигата на шампионите.
Нивниот нов клупски колега, младиот талент Марио Гетце имаше фантастична сезона со Борусија Дортмунд и стигна до финалето од најквалитетното клупско европско натпреварување.
Во силната конкуренција на играчи за врска се разбира дека спаѓаат Иниеста и Чави без кои Барселона не би ја имала доминацијата во средниот ред, а не смее да се заборави ниту Андреа Пирло кој ја живее "втората младост" во екипата на Јувентус.
За некои можеби претставува изненадување, но читателите на goal.com најмногу гласови му даваат на Артур Видал кој стигна до шампионската титула со „Старата Дама" и кој беше клучен играч на многу натпревари во Серија А.
На втората позиција се наоѓа Герет Бејл кој всушност го има секаде на теренот, а и покрај природната позиција по десната левата страна, се почесто го гледаме во средниот ред од каде тргнува "убиствено" кон голот.