Венгер заборави што е тоа пехар

Францускиот стратег кој веќе 17 години е на кормилото на Арсенал, последната радост на навивачите има ја донесе во 2005 година, кога со победата во финалето над Манчестер Јунајтед го освои ФА Купот на Англија. Од тогаш Арсенал е без трофеј точно 2830 дена.

И покрај седум годишниот пост без освоен трофеј, зачудува фактот што раководството на „Топџиите" планираат да ја продолжат соработката со Венгер и да му понудат нов двегодишен договор. Според пишувањата на англиските медиуми тој за наредното лето ќе има на располагање 70 милиони фунти за нови засилувања, со кои ќе се обиде да го врати победничкиот сјај во тимот.

Оваа сезона е речиси завршена за лондонскиот тим кој најверојатно повторно ќе остане без освоен пехар. Во Премиер лигата се наоѓа на 5 позиција на табелата, пред два дена беше елиминиран во осминафиналето на ФА Купот од Блекбурн, а во нокаут фазата од Лигата на шампионите го очекува дуелот против силниот Баерн Минхен.

Во оваа агонија на Арсенал кој секоја година ја напуштаат по неколку ѕвезди, има еден занимлив податок. Во изминативе седум години од освојувањето на последниот пехар, дури 25 играчи кои си заминале од „Емирати" успеале да се закитат со по некој трофеј, а вкупната бројка изнесува дури 75.

Најмногу се радувале Ешли Кол и Патрик Виера кои освоија по 8 трофеи. Бекот на англиската репрезентација ги освои сите 8 со тимот на Челси, а Виера 6 со Интер и по еден со Јувентус и Манчестер Сити. Легендата на Арсенал, Тиери Анри подигна 7 пехари на „Камп Ноу", а Александар Хлеб вкупно 5, од кои 3 со Барса и по еден со Бирминген и Бате Борисов.

Од останатите играчи по број на освоени пехари следуваат Цеск Фабрегас, Ласана Дијара, Стефан О' Донел И Хозе Антонио Рејес кои се закитиле по 4 пати.

18 февруари 2013 - 17:23