Британија против Уругвај на ОИ во Лондон

На три месеци до почетокот на Олимписките игри во Лондон, денес беше извршено извлекувањето на групите за фудбалскиот турнир. Најинтересно ќе биде во групата А каде се домашната репрезентација и шампионот на Јужна Америка.

Денес на стадионот Вембли во Лондон беше извршено извлекувањето на групите за фудбалскиот турнир на Олимписките игри кој ќе започне на 26-ти јули.

Репрезентацијата на Велика Британија како домаќин на Олимписките игри доби шанса да се натпреварува на фудбалскиот турнир за прв пат по 1960-та година. Фудбалерите предводени од Стјуарт Пирс ќе играат во групата А која е најинтересна во првата фаза. Противници на Велика Британија ќе бидат шампионот на Јужна Америка, репрезентацијата на Уругвај, како и Сенегал и Обединетите Арапски Емирати.

Финалистите од претходните Олимписки игри во Пекинг, репрезентациите на Аргентина и Нигерија нема да учествуваат оваа година, а третопласираниот Бразил е во групата Ц заедно со Белорусија, Нов Зеланд и Египет.

Група А: Велика Британија, Уругвај, ОАЕ, Сенегал

Група Б: Мексико, Јужна Кореја, Швајцарија, Габон

Група Ц: Бразил, Белорусија, Нов Зеланд, Египет

Група Д: Шпанија, Хондурас, Јапонија, Мароко

Репрезентациите ќе бидат составени од фудбалери до 23 години и по тројца повозрасни играчи. Првопласираните две репрезентации од секоја група ќе изборат пласман во четвртфиналето.

Фудбалскиот турнир ќе започне на 26-ти јули, а натпреварите ќе се играат на шест стадиони во Велика Британија, а финалето ќе се одигра на 11-ти август на стадионот Вембли.

24 април 2012 - 13:30