Среќата му го сврте грбот на Вардар. Тренерот Илчо Ѓорѓиоски пред денешната ждребка изјавуваше дека БАТЕ Борисов е најмалку посакуваниот противник, но во второто квалификациско коло ќе се сретне токму со белорускиот тим.
Првиот натпревар се игра во Белорусија на 17 или 18 јули, а реваншот на Арената „Филип II Македонски" ќе се одигра седум дена подоцна.
Екипата на БАТЕ Борисов има тотална доминација во Белорусија каде ја освои титулата во последните шест сезони.
Во сезоната 2008/09 тие изборија пласман во групната фаза на Лигата на шампиони каде ремизираа по еднаш со Јувентус и Зенит и загубија на два пати од Реал Мадрид. Минатата сезона тие повторно се пласираа во групната фаза на ова натпреварување и остварија по едно реми со Милан и Викторија Плзен, а беа поразени во двата дуели со Барселона.
Во тимот предводен од стратегот Виктор Гончаренко преовладуваат домашни фудбалери, а главна ѕвезда е натурализираниот Бразилец Ренан Бресан.
Екипата на БАТЕ Борисов е познат и на македонската јавност, а посебно на сегашниот тренер на Вардар, Илчо Ѓорѓиоски кој во истата фаза од ова натпреварување во сезоната 2009/10 со екипата на Македонија ЃП играше против белорускиот шампион. БАТЕ Борисов ги доби и двата натпревари со 2:0.
За шампионот на Белорусија пред неколку месеци потпиша поранешниот фудбалер на Вардар, Бојан Ѓоргиевски кој во моментов е позајмен на Сконто.