Узбекистанецот кој играше со Пандев, сега треба да блесне во Рома кај Мурињо

Ова е приказна за најегзотичниот трансфер летово. Висок центарфор откако научил како се жртвува јаре во Узбекистан, па преку Ростов на Дон стигна до Џенова, сега ќе го води нападот на Рома кој е голема одговорност. Го планираат за наследник на Џеко.

Во неколку интервјуа на почетокот на месец јули високиот центарфор Елдор Шомуродов на прашањето дали слушнал за интересот на големите екипи и дека е на краткиот список на засилувања на Жозе Мурињо во Рома, тој рекол: „Не сум слушнал искрено. Но не се плашам да прејдам во голем клуб, сакам да видам на што сум способен, би пробал“.

Еден месец подоцна, Шомуродов стана играч на Рома, а на седми август го постигна првиот гол за „римската волчица“ во пријателска средба со Бетис каде Рома изгуби 5:2 но играше со четири црвени картони (еден за Мурињо). 

Елдор Шомуродов е роден на 29 јуни 1995-та година. Има 26 години. Израснал во градот Термез, на самиот југ на Узбекистан, место кое само една река го дели од Авганистан.

„Во Авганистан не сум бил, никогаш не ме интересирала таа земја. Што може да биде интересно во Авганистан? Тогаш само мислев на други земји. Детството не ми беше тешко. Сега родителите не работат а татко ми порано играл фудбал. Мајка ми работеше во продавницата која што ја држевме“, раскажал Елдор.

Тој како мал играл фудбал на улица каде одвреме-навреме поминувал по некој тренер кој снимал кое од децата има њух за фудбал. Еднаш неговиот тим од улицата во која живеел отишол на турнир во соседен град и победила. На 12 години го приметил скаут на клубот Машал кој во тоа време ја имал најдобрата младинска школа во земјата.

Кариерата ја почнал токму таму, во узбекистанскиот клуб Машал Мубарек во градчето Муборак. Еднаш на еден меч против најголемиот клуб во земјата, Буњедкор му дале задача да го чува големиот Бразилец Ривалдо кој, ако сте заборавиле заигра во Узбекистан во финишот на кариерата. После неколку години Шомуродов се нашол во овој клуб.

Таму за две сезони постигнува 18 гола на 66 меча.

Во Буњедкор имале обред, пред почетокот на секоја сезона.

„Да, пред сезоната таму жртвуваат јагне. Некои екипи на стадионот го прават тоа, некои не на стадион. Во моите клубови жртвувале јагне и вака и така. Гледачи нема, се се случува зад голот. Мула чита молитва од Коранот, а јагнето го дере човек обучен за тоа. Го дерат брзо, а месото го разделуваат на оние на кои им е најпотребно“.

За Буњедкор играл на позицијата десен крилен напаѓач. Бил вицешампион и играл во финалето на Купот на Узбекистан.

Елдор добил многу богати понуди од Азија. За големи пари можел да игра во Катар, Саудиска Арабија, во Емирати. Го барале и во Кина, но тој решил да оди само во Европа за да фудбалски се докаже. На 21-22 години веќе имал повеќе од 20 настапи за репрезентацијата на Узбекистан.

Тоа било повод рускиот Ростов во јули 2017-та да го купи високиот центарфор на кој во градот на реката Дон најпрвин не може да му ја најдат позицијата (со цел памет тогашниот тренер на Ростов, Валериј Карпин кој сега е нов селектор на Русија го става десен бек).

Не му одело да даде гол никако. Влегувал во еден куп шанси, погодил икс пати статива и пречка но никако не успевал да влезе во голгетерска серија.

Тренерот на Ростов Валериј Карпин често се шегувал со високиот Узбекистанец кој кога се враќал во репрезентација на Купот на Азија давал еден тон голови: „Шома, ти можеш да им дадеш само на Пакистан, Палестина и на Киргистан?“

ОД МАЛ НАВИВАЛ ЗА ЧЕЛСИ И СОНУВАЛ ДА ИГРА КАЈ ЖОЗЕ МУРИЊО

Пред стартот на нова сезона, Карпин му рекол на Елдор Шомуродов дека го гледа како прв напаѓач. Почнало руското првенство и Узбекистанецот се изнадавал голови. Вредноста му пораснала на 2,5 милиони евра (Иако на Трансфермаркт пишува дека Ростов го купил наводно за 750.000 евра, менаџерот на Елдор, Кахор Муминов тврдел дека Русите дале многу помалку).

Штутгарт во еден момент понудил 10 милиони евра за него, а понуда пратила и ЦСКА Москва.

„Имав дрес од Челси како мал. Од времето кога дојде Роман Абрамович. Ми се допаѓаа Дригба и Торес, но нив ги ценев уште пред да дојдат во Челси. Најомилен момент ми е секако финалето на Лига на шампиони кога Робен не даде пенал а Дрогба даде гол со глава. Порано сонував да играм за репрезентација а сега сакам да играм во една од Топ5 лигите во Европа. Сонувам за Челси, но ми се допаѓа и германската лига“, раскажал високиот Шомуродов.

ПАТОТ ВО ЏЕНОВА КАДЕ СТАНА СОИГРАЧ СО ГОРАН ПАНДЕВ

Претседателот на Џенова Енрико Прециози сакал еднаш во тимот да го донесе Марио Балотели, но спортскиот директор Даниеле Фаџано и тренерот Роландо Маран (и двајцата добија отказ минатата сезона) биле против. Маран барал друг шпиц, не го сакал Балотели.

„Фаџано заедно со менаџерот Габриеле Џуфридо му го покажаа Шомуродов на тренерот, а Маран се согласи зошто му беше важно само да го разубеди претседателот да не го купува Балотели“.

Но зделката не можела да пројде без Прециози. „Претседателот е многу паметен бизнисмен. Кога го видел Шомуродов, веднаш решил да го купат. Прециозни сфатил дека тој е фудбалер кој може да го купи за 7-8 милиони евра а за година-две да го продаде за 20-25 милиони евра“, рекол еднаш инсајдерот Ди Марцио.

За Елдор Серија А и Италија била совршена варијанта.

 

Потпишал со Џенова и во првата сезона постигнал 8 гола. Станал втор стрелец во екипата зад Матија Дестро кој даде 11. На крај на листата најдобри играчи за таа сезона бил пред Хандановиќ, Брозовиќ, Ериксен, Кјелини, Шчесни, Мертенс. 

„Италијанскиот фудбал е многу потежок од што мисле, но задоволен сум со изборот. Само против топ клубови можеш да растеш. Во Џенова ми е комфорно“, рекол Шомуродов за Corriere dello Sport во мај.

Тренерот Давиде Балардини го фалел новиот и корпулентен шпиц.

По одличната дебитантска сезона во Џенова, минатата зима се појавил интерес од Јувентус. Узбекистанецот рекол: „Спремен сум да одам таму и да се пробам, ништо нема да изгубам. Не се плашам од конкуренција, дури и ми се допаѓа“.

Џенова е клуб кој лесно купува, а уште полесно продава, особено напаѓачи и тоа за големи заработки.

Енрико Прециози ја купил Џенова во 2003-та и за 18 години клубот продал многу офанзивни фудбалери, центарфори. Најголема заработка имаа од Полјакот Кшиштоф Пјонтек чија вредност за пола година пораснала страшни осум пати! Го купиле од полска Краховија за 4,5 милиони евра а во Милан го продадоа за 35 милиони евра!

За огромни пари ги продадоа и Пјетро Пелегри, Стефан Ел Шарави (деца на клубот), Диего Милито, Леонардо Паволето, Џовани Симеоне, Диего Пероти, Еди Салседо и сега Елдор Шомуродов кој оди во Рома за 17,5 милиони евра а во Џенова дојде за 9 милиони евра. 

Летово клубот на Горан Пандев го потпишала слободниот агент 18-годишниот Александер Букс, некогашен шпиц на Висла Краков.

А Узбекистанецот, јунакот на приказнава, летово потпиша договор со Рома чиј тренер Жозе Мурињо инсистирал на негов трансфер.

„Од каде мојата љубов за Мурињо? Просто е, он е број еден. Навивам за Челси, а Дидие Дрогба е еден од моите најомилени фудбалери и пример за следење“, рекол Елдор во интервју за La Gazzeta dello Sport во јануари 2021. 

ЏЕКО СИ ОДИ, ЕЛДОР ЌЕ БИДЕ ГЛАВЕН ШПИЦ

Веднаш по веста дека Ромелу Лукаку ќе биде нов фудбалер на Челси кој го купува од Интер, се појави вест дека „нераѕурите“ го планираат Един Џеко од Рома за замена на Белгиецот.

Босанско-херцеговскиот центарфор е пред потпис со Интер, а доколку не отиде во Милано, се поверојатно е дека нема да се враќа во Рим.

Ова значи дека Жозе Мурињо за прв центарфор го планира Елдор Шомуродов, а зад него би требал да функционира Борха Мајорал. Елдор е алтруистички шпиц во кого Жозе Мурињо би требало брзо да се вљуби. Останува да видиме како симпатичниот Узбекистанец ќе се снајде во „вечниот град“.