Украина ќе игра со дрес со контури од границите и Крим, Русија бесна

Вториот ривал на Македонија на Евро 2020, Украина ги промовираше дресовите со кои ќе игра на турнирот. Имаат три комплети: жолт, син и бел а главниот елемент на дресовите се контури на границите на нивната земја.

Украинската фудбалска федерација на контурите од дресот ја има Украина со Крим во својот состав. УЕФА ги одобрила овие дресови а во Русија сметаат дека е класична провокација.

„Веруваме дека силуетата од мапата на Украина ќе им даде сила на играчите зошто ќе се борат за цела Украина. А цела Украина, од Севастопол и Симферопол до Киев, од Доњецк и Луханск до Ужгород ќе ги поддржува на секој меч. Ова е исклучително важно како за фудбалерите на кои многу им значи и сонуваат за настап на првенството така и за милиони наши навивачи кои веруваат во тимот на Андреј Шевченко. Фудбалот и репрезентацијата ја обединуваат Украина.“, напишал претседателот на Украинската фудбалска асоцијација, Андреј Павленко.

Покрај контури со границите на земјата во кои се наоѓа и Крим кој веќе неколку години е под руска контрола по воениот конфликт, на дресовите на Украина ќе има и два слогани: „Слава на Украина“ од надворешна страна:

и „Слава на хероите“ од внатрешна страна:

КАКО РЕАГИРАА ВО РУСКА ФЕДЕРАЦИЈА?

Украинскиот дрес веќе испровоцирал неколку пратеници во руската Дума. Дмитриј Свишев во интервју за сајтот „Чемпионат“ изјавил:

„Сите одлично знаеме - Крим е територија на Руска Федерација. Одговор на ова треба да дадат претставници од УЕФА. Ова е политичка провокација. Они уште сакаат да го привлечат вниманието на цел свет. Тие пропаѓаат поради проблеми со гасот, не можат да воспостават мир па затоа имаат проблем. Ова е пројавување слабост а не политичка волја“.

Некогашниот руски боксер а сега политичар Николај Валуев вели: „Ова е обид да се исполитизира спортот, не е убаво. Можно е на Крим да живеат граѓани со руски пасош кои ќе ја поддржуваат репрезентацијата на Украина. Овде има некаква итрост. Политиката е таква работа во која има двојни некогаш и тројни стандарди. Може да мечтаат колку сакаат но Крим е територија на Руска Федерација. За тоа не се дискутира“. 

ИМА ЛИ ПОЛИТИЧКИ КОНТЕКСТ ВО СЛОГАНИТЕ?

Слоганот „Слава на Украина - Слава на хероите“ („Слава Украине – героям слава“), според украинските историчари, е користен уште во време на Украинската револуција 1917/1921 година, а веќе во ’30-те години пак почнал да се користи од страна на Организацијата на украинските националисти под раководство на Степан Бандера.

ШТО ВЕЛИ УФА?

По неколкучасовен молк се огласија и од УЕФА. Прес службата на европската фудбалска унија соопштила ека дресот на Украина за претстојното Европско првенство со контури од границите во кои се наоѓа и Крим е според правилата.

„Комплетот на репрезентацијата на Украина како и на сите други селекции на Евро 2020 е одобрена од УЕФА во согласост со постоечките правила за опрема“.

Украина на отворањето во 1. коло ќе игра против Холандија во Амстердам, а во таа група ќе игра и Македонија против Австрија во првата рунда. Нашите репрезентативци во 2. коло играат против Украинците.

7 јуни 2021 - 10:15