Пехарот кој им се доделува на победниците на Светското првенство чини преку 8 милиони евра, а неговата симболична вредност е непроценлива, но колку и да е драгоцен, овој пехар зад себе нема никаква посебна приказна. Не таква како неговиот претходник, оригиналниот трофеј Жил Риме кој Бразил во 1970-та година го доби во трајна сопственост како прва земја која три пати го има освоено Светското првенство.
13 години подоцна му се губи трагата. Ноќта меѓу 19 и 20 декември во 1983-та година, двајца крадци влегле во зградата на Фудбалската федерација на Бразил, го заврзале чуварот.
Според официјалната верзија на полицијата, пехарот бил стопен во златни прачки и продаден на парчиња, но тоа не држи вода затоа што не бил од чисто од злато. Не се вклопуваат и други детали, а неколку луѓе кои биле уапсени за кражбата подоцна настрадале под неразјаснети околности.
Исчезнувањето на трофејот во 1983-та година е само една епизода од долгата приказна. Во текот на Втората светска војна, нацистите се обидувале да го украдат трофејот кој го носи името на претседателот на ФИФА кој е идејниот творец на првото Светско првенство.
Во тоа време пехарот бил во сопственост на Италија, а по падот на Мусолини еден вработен во Фудбалската федерација го сокрил во кутија од чевли.
Многумина тврдат дека трофејот „Жил Риме" е украден во 1957-та или 58-та година кога бил во сопственост на Германците. На фотографиите од Светското првенство во 1958-та година може да се забележи дека е прицврстен на друга основа, а ФИФА дури десетина години подоцна објасни дека оригиналната подлога ја замениле заради „дотраеност". Но никој не објасни зошто одеднаш трофејот стана неколку сантиметри повисок.
Најпознатиот инцидент се случи во 1966-та година кога трофејот (оригиналниот или копијата) бил украден во Англија на неколку недели пред почетокот на Светското првенство. Една недела подоцна под жива ограда во јужниот дел на Лондон го пронајде куче со име Пиклс. Кучето стана херој на Англија кога домаќините го освоија Светското првенство, а неговото ременче се чува во Националниот фудбалски музеј во Манчестер.
Во 1970-та година на Светското првенство во Мексико, репрезентацијата на Бразил предводена од Пеле оствари шампионски хет-трик и го доби во трајна сопственост, но 13 години подоцна тој исчезна, а тогашниот претседател на ФИФА, Жоао Авеланж изјави дека тоа е најтажниот ден во неговиот живот.
Многумина сè уште трагаат по него, а во Италија неодамна за пехарот беше снимен и документарен филм. Се претпоставува дека некој колекционер го чува во неговите витрини и се чека денот кога тој повторно ќе се појави во јавност. Бразилците се молат тоа да се случи за време на Светското првенство што ќе донесе и дополнителна мотивација за нивните фудбалери да го освојат новиот трофеј на домашен терен.