Турците се познати како пасионирани за фудбалот, а во досегашниот тек од летниот преоден рок клубовите од оваа земја купија околу 130 фудбалери. Најактивен на пазарот беше Фенербахче, кој потроши околу 32,18 милиони евра или повеќе од сите Суперлигаши заедно.
Во турските екипи следната сезона ќе играат на далеку познати имиња како Робин ван Перси, Марио Суарез, Рикардо Кварезма, Самуел Ето, Лукас Подолски, Нани и други.
Шампионот Галатасарај во својот состав веќе имаше фудбалери како Фелипе Мело, Весли Снајдер и Фернандо Муслера, а летово решија да потпишат со Лукас Подолски. За него, Галата на Арсенал му искешира 2,5 милиони евра. Покрај Германецот, Галатасарај се засили со уште пет фудбалери за кои даде 5 милиони евра.
Третиот великан на турскиот фудбал, Бешикташ како никогаш претходно беше активен на пазарот. Откако го продадоа Демба Ба, го позајмија Марио Гомез од Фиорентина и го вратија Рикардо Кварезма од Порто. Тимот од Истанбул летово се засили со вкупно шест фудбалери за кои потроши 8,25 милиони евра.
Ништо послаб во преодниот рок не беше ниту Трабзонспор, противникот кој нашиот Работнички го совлада во првиот натпревар од 3. квалификациско коло за ЛЕ. Трабзон во составот го имаше скапоцениот Оскар Кардозо, а летово се засилија со Стефан Мбија и Луис Педро Каванда. Покрај нив, Трабзон донесе уште четворица нови фудбалери за кои плати 6,25 милиони евра.
Со трансферот на Камерунецот Самуел Ето, новиот турски прволигаш Анталијаспор привлече најголемо внимание. Покрај поранешниот фудбалер на Реал, Барса, Интер, Евертон и Сампдорија, Анталијаспор летвото купи уште 12 нови играчи.