Во време кога турскиот фудбал го здрма голем скандал за местење натпревари, а Фенербахче и Бешикташ се суспендирани од страна на УЕФА и нема да имаат право на настап во наредната сезона на меѓународните натпреварувања, Турција не успеа да си го обели образот.
Светското младинско првенство кое заврши пред 4 дена донесе катастрофални резултати во однос на посетеноста. Според статистиката на ФИФА натпреварите во Турција ги следеле во просек по 5320 навивачи на сите 52 меча што претставува многу разочарувачки податок за светската куќа на фудбалот.
„Знам дека турските фанови се огромни љубители на фудбалот, а земјата докажа дека може беспрекорно да организира еден ваков светски собир. Но не ни е јасно зошто стадионите беа празни. Се надевам дека ова нема негативно да се одрази врз земјата која се кандидира и за организирање на други поголеми спортски настани", изјави потпретседателот на ФИФА, Џим Бојс.
Раководните луѓе на Турската Фудбалска Федерација се зачудени од овие поразителни бројки, а најавија дури и истрага со која ќе се обидат да дознаат на што се должи оваа незаинтересираност за вториот турнир по престиж кој е под капата на ФИФА.
„Веќе почнавме да работиме на овој проблем, затоа што ова се разочарувачки резултати за нас. Се разбира дека ќе направиме се за да дознаеме зошто стадионите останаа празни и покрај тоа што влезниците за фамилии со деца беа бесплатни. Ова ќе ни биде и еден вид лекција и за турското првенство", рече Сервет Јардимки од ТФФ.
Покрај скандалот со местење натпревари и суспензиите на Бешикташ и Фенербахче, за Турција ова се уште едни негативни поени во период кога гори од желба да биде организатор на ЕУРО 2024 година.
Младинското светско првенство понуди атрактивен фудбал со речиси 3 гола по натпревар, а дури четири меча во нокаут фазата се одлучуваа на пенали, вклучувајќи го и финалето на кое Франција го совлада Уругвај со 4:1, но анализите покажуваат дека гледноста била мала и на ТВ.