Италијанскиот клупски фудбал демонстрира дека понекогаш и со добра управувачка политика на водење клуб може да се надомести недостигот на големи буџети за астрономски трансфери.
Додека сите останати лиги, Премиер, Ла Лига, Бундес, па и Лига 1 во Франција, трошат огромни суми (еден Брајтон има поголем трансфер буџет од буквално цела Серија А), италијанските клубови со скромен џеп направија врвни резултати.
За првпат во историјата дури три италијански претставници ќе се борат за три пехари во три различни турнири. А малку фалеше да бидат четири, ако Јувентус успееше да оддолее во Севиља каде прими гол во продолженијата и испадна со 2-1.
Интер претходно го совлада Милан во полуфинале и влезе во големото финале каде на 10-ти јуни во Истанбул ќе се сретне со Манчестер Сити.
Во второто по ранг натпреварување, голема беше веројатноста во финале да се најдат Рома и Јувентус, но на крајот само „римската волчица“ успеа да стигне до таму откако во Леверкузен ја одбрани минималната победа од Рим.
На „Пушкаш Арена“ во Будимпешта на 31-ви мај Рома и Севиља ќе се борат за пехарот од Лига Европа кој шпанскиот тим го освои рекордни четири пати.
На Интер и Рома, во поход по трофеј кој би стигнал на Апенините ќе оди и Фиорентина која по поразот 1-2 дома, успеа да се врати со ист резултат во Базел па во продолженија да му зададе конечен удар на домаќинот и со 1-3 да се пласира во големото финале каде ќе ги чека Вест Хем кој по втор пат го победи АЗ Алкмар, овојпат на гости 0:1.
Фиорентина е во прво европско финале уште од 1990-та година кога играа во Куп на УЕФА против Јувентус и изгубија со вкупен резултат 3-1.
Финалето на Лига Конференции е на „Еден Арена“ во Прага на 7-ми јуни.