Бизарната приказна ни доаѓа од редовите на фудбалската репрезентација на Нигерија од каде двајца анонимни играчи се жалат дека еден од тренерите на националниот тим им продавал часовници кои се од 10 до 20 пати поскапи од реалната цена.
„Тренерот ги купува часовниците по цена од 500 до 1000 долари во Европа и потоа нас ни ги продава за 10.000 долари. Доколку не купиме, тогаш не смета за непријатели", изјавува анонимниот нигеријски репрезентативец.
Слично е и сведочењето на вториот анонимен играч кој вели дека за малку ќе го загубел местото во репрезентативен состав.
„Пред да се преселам во мојот нов клуб, имав договор според кој заработував малку пари. Но тренерот ме присили да купам таков часовник. Потоа истото ми се случи кога добив повик во сениорската репрезентацијата. Ова воопшто не е добро за тимот затоа што многу колеги се плашат да проговорат", вели фудбалерот.
Овие обвинувања на репрезентативците ги демантираше Бен Алаја од канцеларијата за односи со јавност на Фудбалската федерација на Нигерија и изјави дека репрезентацијата не била место за пазарење.