Фудбалерот на Тотенхем, Муса Сисоко вели дека сите играчи би сакале да се оствари идејата тимот да ја доврши сезоната во Европа во својот матичен дом „Вајт Харт Лејн“.
Спарси треба да останат непоразени во последното коло од ЛШ против ЦСКА Москва на 7. декември во Лондон доколку сакаат да го задржат третото место и да се пласираат во групната фаза од Лига Европа на пролет. Доколку тоа се оствари, клубот има сериозна намера да побара од УЕФА да ја доигра европската сезона на „Вајт Харт Лејн“ чијшто капацитет е намален поради реконструкцијата.
„Мислам дека би било добро за нас да играме дома во Лига Европа, „Вајт Харт Лејн“ е наш дом. Ако се вратиме дома ќе биде полесно за нас. Го знаеме стадионот и теренот и би било подобро за нас“, вели Сисоко.
Тотнем загуби во ЛШ од Монако и Баер Леверкузен на Вембли. УЕФА пред извесно време соопшти дека нивниот стадион во моментов не е баш подготвен за европски натпревари затоа што капацитетот е намален поради реконструкцијата. На Тотенхем му одговара тоа што нема блиндиран договор со Фудбалската Асоцијација на Англија дека мора да игра и во Лига Европа на Вембли сезонава. Спарси имале таква можност, но не ја одбрале.
Покрај Сисоко и други фудбалери на тимот изразиле резервираност во однос на европските натпревари на Вембли сезонава. Договорот меѓу ФА и Тотенхем подразбира клубот целата следна 2017/2018 сезона да ја игра на Вембли (и Премиер лига и Куп).
Фудбалерите на Тотенхем се свесни дека клубот бележеше далеку подобри резултати во Европа кога играше во својот дом, иако тренерот Покетино изјави дека тоа не смее да биде оправдание за лошите настапи сезонава во Лигата на шампионите.