КУП НА КОНФЕДЕРАЦИИ 2017 ФИНАЛЕ
Меѓународниот фудбал го доби својот прв вкус на ВАР во финалето на Купот на Конфедерации, а со него се справуваше судијата Милорад Мажиќ. Тој не го виде лактот кој Гонзало Јара му го додели на Тимо Вернер и по реакциите на Германците реши ситуацијата да ја прегледа. И покрај тоа што снимката јасно го покажa намерниот удар, Мажиќ му извади на Јара само жолт картон, оставајќи ги експертите шокирани од одлуката.
ДЕБИТО НА ВАР ВО АНГЛИСКИОТ ФУДБАЛ
Првиот меч на кој се искористи новата технологија нa островот беше во ФА Купот меѓу Вест Бромвич Албион и Ливерпул. Прво за поништен гол на ВБА, а потоа за подарен пенал на Салах, кој Фирмино не го претвори во гол. ВБА победи 3:2 и отиде во следна рунда, а Јирген Клоп ја бранеше технологијата и покрај тоа што не пројде добро на дебито.
КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС 2017 ПОЛУФИНАЛЕ
Откако за прв беше искористен во Јужна Америка, ВАР имаше клучна улога во полуфиналето од Копа Либертадорес меѓу Ривер Плејт и Ланус. Фудбалерите на Ривер на реваншот се жалеа за недосуден пенал кој не беше прегледан, а во второ полувреме Ланус профитираше од ВАР со кој доби пенал и влезе во финале со вкупни 4:3.
ОШТЕТЕНИОТ ЛАЦИО
Голем број на критики ВАР претрпе и во Серија А, а најмногу поплаки имаа во управата на Лацио кои обвинија дека се оштетени со 12 бода. На дуелот против Торино кој го загубија со 3:1 Имобиле беше исклучен со помош на ВАР, а во истата акција беше игнориран моментот кога го фаулираа во шеснаесетник. Лацијалите не добија сомнителен пенал со ВАР и против Интер, а не беше поништен ниту голот на Кутроне со рака кога Милан славеше со 2:1. Симоне Инѕаги изјави дека не му се допаѓа новата технологија.
ПЕНАЛ ВО БУНДЕСЛИГАТА НА ПОЛУВРЕМЕ
Една од најчудните одлуки со ВАР се случи на натпреварот меѓу Мајнц и Фрајбург одигран во април. Судијата свирна крај на прво, но одлучи да ги повика играчите на двете екипи од соблекувална и да досуди пенал за Мајнц, откако претходно се бунеа дека имало играње со рака. Паоло де Бјазис го реализираше пеналот, потоа следуваше 7 минутно судиско продолжение, а во второ дадоа уште еден гол за конечни 2:0.
КУП НА КОНФЕДЕРАЦИИ 2017
Судијата Вимар Ролдан направи кикс на дуелот од групата Б меѓу Германија и Камерун откако со помош на ВАР исклучи погрешен играч. Кога Ернест Мабука направи опасен старт врз Емре Кан, Ролдан го избрка Себастина Сиани. Откако на играчите и навивачите не им се веруваше што се случи, судијата повторно го прегледна инцидентот и на крај ја донесе правилната одлука и го избрка Мабука.
ТОТЕНХЕМ - РОЧДАЛЕ
Другата драма во и онака драматичниот ФА куп се случи во петтата рунда во која прво му поништија гол на Тотенхем поради претходен фаул, а потоа му подарија пенал. ВАР не влијаеше на конечнот резултат бидејќи заврши 6:1, но Почетино изјави дека технологијата повеќе донела конфузија отколку што била корисна.
КОГА ЗНАМЕТО ЌЕ МУ ПОПРЕЧИ НА ВАР
Веројатно најапсурдната ситуација со ВАР се случи во португалското првенство на мечот меѓу Авес и Боависта. Домаќините имаа водство од 2:0 и кога во 70-та минута зголемија на 3:0, судијата сакаше да го провери голот на ВАР да не има офсајд. Но ниту камерите не можеа да го дадат конечниот одговор. Зошто? Едно гиганство знаме на Боависта се мавтало точно пред камерата која го снимила спорниот момент. Судијата стоел до првата своја одлука и го признал голот.
АНГЛИЈА - ИТАЛИЈА
Мартовскиот пријателски дуел меѓу Англија и Италија заврши 1:1 поради контроверзна одлука со помош на ВАР. Англичаните поведоа преку Варди, а Италијанците израмнија од пенал во 87-та минута. Судијата Дениз Ајтекин се консултираше со видео асистентот за да утврди дали Џејмс Тарковски го фаулирал Федерико Киеза во шеснаесетник и потоа пресуди во корист на Италија. Селекторот Саутгејт изрази сомнеж за користот од ВАР, а Гери Линекер рече: Со ВАР ќе биде многу забавно на Светско.
ФИНАЛЕТО ВО АВСТРАЛИЈА
Најважниот натпревар на сезоната во Австралија беше решен со погрешна одлука на ВАР од кој профитираше Мелбурн, кој во финалето на А лигата го совлада Њукасл Џетс со 1:0. Голот беше постигнат од чист офсајд.