Тимот од украинското село Ковалевка стана хит во Лига Европа

Покрај македонскиот претставник Шкендија, големи изненадувања во квалификациите за Лига Европа направија и неколку интересни анонимни клубови.

КОЛОС

Во 3. рунда од квалификациите за Лига Европа ќе игра и еден клуб од украинското село Ковалевка со околу 1.500 жители. Ова е најмалото населено место во историјата на украинската Премиер лига.

Клубот е основан во 2012 година. Сопственици се Анатолиј и Татјана Засух. Анатолиј е поранешен политичар кој сега се занимава со аграрен бизнис, а Татјана била народен пратени во собранието на Украина цели 14 години (од 1998 до 2012).

Селото Ковалевка се наоѓа на 80-ина километри и важи за семејно гнездо на Засух - таму живеат 4 фамилии со вакво презиме. Сопствениците на клубот сериозно инвестирале во инфраструктура - извршена е целосна реконструкција на стадионот во Ковалевка, а сега клубот ќе гради и академија.

Колос стана најголемо изненадување минатата сезона во Премиер лигата на Украина. Како нов прволигаш тимот заврши во првата шесторка на табелата, а после славел и во плејофот за еврокупови.

Пред почетокот на Лига Европа екипата ја засилил ветеранот и некогашен украински репрезентативец, 35-годишниот Евгениј Селезнев. Нему му фалат уште 14 гола да стана најдобар стрелец во историјата на украинската лига.

На дебито во Европа, Колос од Ковалевка го елиминираше грчки Арис со 2:1, а сега го чека вицешампионот на Хрватска - Ријека.

Б-36 ТОРШАВН

Еден од најтрофејните клубови од нефудбалските Фарски Острови. Клубот Б-36 од Торшавн бил основан уште во 1936 година и од тогаш до денес освоиле 11 титули и 6 Купа.

Б-36 игра на стадион со капацитет од 5.000 гледачи. Интересно, овој клуб, редовен аутсајдер во еврокуповите, сега помина дури 2 рунди. Прво ја надиграа Левадија од Естонија со 4:3, а после на пенали беа подобри од велшки Њу Сејнтс (2:2, 5:4 на пенали).

За чудото да биде поголемо, Б-36 примил гол во 112 минута од продолженијата а се спасил во 122 минута.

Сега ги чека ЦСКА Софија која го изненади Бате Борисов.

СЕНДЕРЈИСКЕ

Овој клуб со име тешко за изговор доаѓа од Данска, од градот Хадерслев со 21.000 жители. Сендерјиске е прилично млад клуб (основан 2004 година) и во спортското друштво има и хокеарска секција, две ракометни екипи и женски фудбалски тим.

Сендерјиске ниту еднаш не бил шампион на Данска, но годинава првпат во историјата го освои Купот на оваа земја. Во трета рунда ќе играат против Викторија Плзен од Чешка.

ШКЕНДИЈА

Македонскиот претставник веќе неколку сезони, заедно со Вардар, игра солидна улога на меѓународна сцена.

Шкендија во пар наврати стигна до плејофот на Лига Европа, се сретна и со големиот Милан во Скопје и на „Сан Сиро“, а сега направи нов подвиг откако со 0:1 и со играч помалку го совлада фаворитот Ботошани.

Како награда за успехот, Тетовци ги чека големиот Тотенхем на Жозе Мурињо кој во Скопје по се изгледа ќе допатува со најсилен состав како и синоќа во Пловдив против Локомотив (1:2).

Тотенхем на Арената Тоше Проески би требало да истрча со Хари Кејн, Сон, Уго Лорис, Ло Селсо, Ндомбеле, а зошто не и најновото засилување Герет Бејл.

БОДО ГЛИМТ

Норвешкиот клуб кој исто така некој го изговара и Буде-Глимт има многу долга историја. Основан е пред 104 години, но ниту еднаш не освоил титула во првенството.

Затоа сезонава игра првпат во еврокупови по далечната 1976-та кога испаднале од Наполи во Куп на Купови.

Во оваа Лига Европа, Бодо Глимт кој е големо изненадување во новата сезона од норвешката лига и е убедливо прв лидер, беше нагазна мина за литванските клубови.

Прво им се падна во квалификации Спирис Каунас (6:1) а после со 3:1 го урнаа и Жалгирис.

Како награда им следува дуел со Милан и Златан Ибрахимовиќ.