Велшкиот премиерлигаш натпреварите ги игра на стадионот „Либерти" кој има капацитет од 20 500 седишта, а помал стадион во англиската Премиер лига има само тимот на Квинс Парк Ренџерс кој настапува на „Лофус Роуд" пред 18 500 навивачи.
Раководните луѓе на клубот најавуваат дека во наредните 3 до 5 години ќе ги прошират северната, јужната и источната трибина и со тоа сакаат да привлечат уште повеќе навивачи на натпреварите во елитното натпреварување каде се очекува да опстанат уште долго време.
Ваквите најави и не треба да претставуваат некако изненадување, со оглед на огромната популарност на клубот кој се наоѓа во најблескавите моменти од нивното постоење. Покрај историското учество во Премиер лигата каде успешно се натпреварува веќе втора сезона, Свонси бележи успеси и на економски план.
Минатата година клубот за само 6 месеци остварил профит од околу 25 милиони евра, но со учеството во елитното англиско прволигашко друштво, ја раздвижи економијата во целата земја.
Свонси минатата прва сезона во првата лига заврши на 11 позиција на табелата, а годинава моментално се наоѓа на 9 место. Како шлаг на тортата во првите успешни мигови во Премиер лигата е освојувањето на Лига Купот пред два месеци.
Во следната сезона, екипата на Свонси ќе се натпреварува против големиот и вечен ривал Кардиф кој по половина век избори пласман во Премиер лигата.