Светското на Англија ѝ донесе 2 милијарди фунти

Мундијалите покрај забава носат голем бизнис и тоа не само за тој што ги организира. Резултатот од утрешниот натпревар од групата на смртта помеѓу Уругвај и Англија ќе биде од голема важност за економијата во Велика Британија, каде од стартот на Светското угостителите многу повеќе ги тријат рацете.

Газдите на рестораните, сендвичарите и другите продавници на мало, утревечер против Уругвај најмногу ќе стискаат палци за својата земја, затоа што освен од навивачки аспект, тој меч ќе биде многу важен и за нивниот промет. 

Според експертите, Мундијалот во Бразил на англиските бизнисмени веќе им донесе ќар од 2 милијарди фунти, а тоа се должи на зголемената продажба на храна и пијалаци со која навивачите фрлаат котва пред телевизор кога игра нивната земја. 

Само за првиот натпревар на Англија кој на стартот загуби од Италија со 2:1, Англичаните за викендот оставиле околу 700 милиони фунти во супермаркетите, а од стартот на првенството трошењето со кредитни картички скокнало за 9%. 

„Подобрите игри на Англија и поголемиот број на натпревари на овој Мундијал ќе ја зголемат продажбата на мало. Затоа трговците се надеваат дека момчињата на Рој Хоџсон ќе ја минат групната фаза, а тоа ќе биде поголем поттик за потрошувачите“, вели британскиот економист Хауард Арчер. 

Со секоја наредна недела на која Англичаните би останале на Мундијалот, за продажбата на мало тоа ќе значи промет од нови 200 милиони фунти, како и повеќе производи со попусти за граѓаните. 

Од учеството на Англија на светското првенство се насладија и сопствениците на продавници за техника кои продале двојно повеќе телевизори од вообичаеното. 

Евентуалниот пораз од Уругвај и елиминација од планетарниот спортски собир за Англија ќе значи финансиски застој во баровите, рестораните, супермаркетите, како и во продажбата на спортска опрема.

18 јуни 2014 - 14:34