Двете светски компании за спортска облека поседуваат 80% од целиот пазар во нивниот сектор со заработувачка од над 5 милијарди долари годишно, а најголемиот фудбалски настан во јуни ова лето за нив ќе претставува одлична можност за голем ќар.
Германскиот бренд Адидас кој е официјален спонзор на Светското првенство во Бразил е постар и поискусен противник кој се обидува да брендира колку што е може повеќе за разлика од помладиот Најк.
Нивните битки најпрвин се водат околу тоа кој повеќе ќе го има на дресовите кои ќе бидат под лупа на милијарди гледачи. Најк води со 10 спрема 8 во оваа конкуренција, додека останатите технички спонзори како што е Пума ќе ја носат репрезентациите на Италија, Швајцарија и многу африкански селекции.
Од големите земји учеснички кои ќе бидат облечени во германскиот гигант со три риги ќе бидат светскиот шампион Шпанија, потоа Германија и Аргентина, додека дел од селекциите кои ќе го имаат знакчето на американскиот Најк се домаќините Бразил, Франција и Холандија.
Борбата за што поиновативен и примамлив дизајн ќе се води за копачките, а тие веќе излегоа во продажба. Адидас ги крсти „Самба“, а Најк одговори со дречлива боја по име Маџистра. Дел од фудбалерите кои почнаа да ги рекламираат се Иниеста и Гетце.
Еден од најголемите благодети за Адидас ќе претставува топката Бразука која ќе се користи за време на светскиот фудбалски собир. Само за оваа популарна топка германската компанија креираше офисијален Твитер профил кој собра 100.000 следбеници.
Се разбира една од најголемите реклами за двете компании ќе бидат нивните веќе постоечки договори со големите ѕвезди Меси и Роналдо. Португалскиот ас од глава до петици се облекува во Најк, додека четирикратниот освојувач на „Златната топка“ е со Адидас.
Додека навивачите ги бодрат и навиваат за своите земји, Најк и Адидас ќе се молат за што подобар пласман на своите рекламери од кои ќе зависи профитот во нивните каси.