„Свесни ли сте дека Мбапе купува гласови за да ја освои таа проклета Златна топка?“

Поранешен француски репрезентативец, кој играше финале во ЛШ со Монако во 2004-та, излезе со тешки обвинувања на адреса на еден од најдобрите фудбалери на денешницата.

Жером Ротен, тврди дека Мбапе, започнал голема медиумска кампања за да обезбеди гласови за најпрестижната индивидуална награда во светскиот фудбал.

„Ви кажувам, ако Мбапе ја освои Златната топка, тоа ќе биде само формалност. Тој ќе биде неверојатно изолиран. Дали сфаќате дека тој купува гласови за да ја освои таа проклета Златна топка? Гарантирам дека го прави тоа“, изјави Ротен.

Неговите коментари се поттикнати од информациите дека тимот на Мбапе стапил во контакт со „Радио Франс Интернасионал“ (RFI) за да договори интервју наменето за африканскиот пазар.

Според француските медиуми, причината лежи во фактот што голем број од гласачите за Златната топка или околу 20 отсто од вкупното гласачко тело се новинари од Африка.

Поранешниот фудбалер на ПСЖ и Монако, овој потег го протолкува како обид да се влијае врз гласачите пред конечниот избор за најдобар фудбалер во светот.

Церемонијата за доделување на Златната топка ќе се одржи на 26 октомври во Лондон.

Главни фаворити се Хари Кејн, Килијан Мбапе, Ламин Јамал, Родри, Осман Дембеле, Фабијан Руиз и Лионел Меси. 

Тука се и таканаречените фаворити од сенка, како Ерлинг Халанд, Џуд Белингем, Мајкл Олисе, Витиња и Квича Кварацхелија.

Сепак, Мбапе, Јамал и Кејн најчесто се спомнуваат како најголеми фаворити, заедно со Дембеле.

23 септември 2026 - 08:31