Наполи поведе во 27-та минута со голот на Кавани и тоа по асистенција на Пандев, а во 36-та минута Јувентус израмни преку Асамоа.
Нашиот најдобар фудбалер уште еднаш докажа дека Јувентус му е омилен противник и по седми пат во неговата кариера ја затресе мрежата на „Старата дама". Тој во 41-та минута го искористи невниманието на Бонучи и го матираше Буфон со прекрасен лоб удар.
Јувентус израмни во 70-та минута откако Вучиниќ беше соборен во шестнаесетникот, а Видал беше сигурен реализатор на најстрогата казна.
Се играше 85-та минута кога по приговор кон помошниот судија за офсајд ситуација, главниот судија престрого му покажа директен црвен картон на Пандев.
Во судиското продолжение беше исклучен и Ѕунига, а црвен картон заради приговор доби и тренерот на Наполи, Валтер Мацари.
Во продолжението Јувентус ја искористи предноста на теренот и славеше со конечни 4:2 со автоголот на Маџо и погодокот на Вучиниќ.