Денес, десет години подоцна, Бразилецот кој реши да земе руско државјанство, стана еден од најдобрите играчи во групната фаза на Светското првенство. Неговата историја е една од најинтересните на Мундијалот.
***
Во март 2009 година, Марио Фернандез, само што потпишал договор со Гремио и откако останал во клубот помалку од една недела, без никаков глас исчезнал. Буквално го снемало.
Веднаш почнала потрага и истрага за настанот, но никој ништо не знаел: ни семејството, ни другарите, ни клубот. Три дена немало никаква вест за 18-годишниот талентиран фудбалер.
Четвртиот ден, изморениот и гладен Марио Фернандез го нашле во домот кај дедо му во државата Сао Пауло, повеќе од 1.000 километри далеку од Порто Алегре. Претходните денови бил во Лондрина и Флорианополис - градови во кои не живеел никој од неговите другари или роднини.
Тоа донело непријатни последици. Родителите уверувале дека синот никогаш немал никакви проблеми, дека бил едноставно и тивко момче.
Но додале и дека Марио се почуствувал осамен и измамен кога неговиот претходен клуб Сао Каетано го продал. Бекот мислел дека ќе оди на едногодишна позајмица, а всушност бил продаден.
Се испоставило дека пател од сериозни симптоми на депресија и дека сакал да го батали фудбалот. Но за среќа тоа не се случило.
Симпатичниот Марио го пратиле на прегледи, и следните месеци бил под надзор од лекари во различни болници во Сао Пауло. Таму потврдиле дека Фернандез ќе може да го продолжи фудбалот и животот без никакви проблеми.
И фудбалот добил драгоцен играч за минимум 10 години понатаму.
****
Уште како помал Фернандез играл како централен дефанзивец, стопер, но брзо висината од 1,89 сантиметри го препорачала за позицијата десен бек. Таму толку добро се снашол што веќе никогаш не ја сменил својата улога. И самиот признава дека бил изненаден кога открил дека на крило му е поубаво отколку во центарот на одбраната. Од тогаш кариерата му одела само нагоре.
Одличните партии во Гремио му ги отвориле вратите во младинската репрезентација а неговото име се нашло во тефтерите на многу европски клубови.
Брз, пробивен, технички поткован но и способен добро да се брани - поседувал се да стане голем играч. На 21 година првпат добил повик да игра за сениорската репрезентација на Бразил, но тогаш се случила уште една епизода која вреди да се спомене и поради која Фернандез не го облекол дресот на петкратниот светски шампион.
Тоа се случило кога задоцнил на авионот со кој Бразил полетал за Аргентина за да го игра Јужно-американското Суперкласико во Буенос Аирес. Се испоставило дека и Гремио и самиот Фернандез нашле изговор во лични проблеми на фудбалерот за да го оправдаат неговото отсуство. Отсуство кое подразбира дека во следните три години Марио не добил не покана за репрезентација, туку ни телефонски повик од федерацијата.
Но Марио Фернандез орал по десната линија и не престанал да напредува.
Во 2012 година Реал Мадрид бил спремен да го купи и да го реше на долги години прашањето на десната бековска позиција.
Но трансферот не се случил поради разни околности и на крајот од краиштата Фернандез ни крив ни должен се нашол пред потпис со ЦСКА Москва која за него платила 15 милиони евра. Тогаш не претпоставувал до каков степен преселбата во Русија ќе му влијае на животот и кариерата.
За разлика од речиси сите бразилски фудбалери кои патат од голема носталгија кога се надвор од дома, а особено во студената Русија, Марио се адаптирал добро и набрзо размислувал за тоа да заигра за „Зборнајата“.
„Марио е глупав. Не постапи човечки исправно. Тој веќе играше за Бразил и сега ќе беше во репрезентацијата. Сигурно ќе добиеше повик за Светското 2018 затоа што и Дани Алвес е повреден“, изјавил еден од навивачите на Селесао кој допатувал во Русија..
За Бразил во моментов десни бекови во составот се Данило кој е повреден и Фагнер кој го заменува во стартните 11. Во оваа конкуренција Марио Фернандез речиси сигурно би бил првотимец затоа што има многу подобри карактеристики за десната страна од гореспоменатите.
****
По извесно време пак му се јавиле од репрезентацијата на Бразил. Тоа се случило пред стартот на третата сезона на Фернандез во составот на ЦСКА Москва, во октомври 2014 година. Поради епизодата од 2011-та навивачите, јавноста и медиумите го сметале за голем предавник и тој се повлекол пред нападите. Но и покрај тоа дебитирал за „Кариоките“ на пријателска против Јапонија.
Некако не се нашол меѓу своите и кога донел одлука веќе да не игра за Бразил, нешто за што сонуваат милиони и милиони, тој ги изненадил и домашните но и странците.
Една година по дебито за Бразил тој објавил јавно дека сака да игра за Русија. Имал 25 години и добил поддршка од целата руска јавност која го поддржувала и го заскала десниот бек. Во 2016-та година по личен претседателски указ на Путин во знак на благодарност, Марио добил руско државјанство и пасош.
Поради скршеница на носот, не играше на Европското 2016, ниту на Купот на Конфедерации лани во Русија за да во октомври 2017 конечно дојде денот. И тоа не на пријателска туку дебито го имаше на отворање на Светско првенство, против Саудиска Арабија во Москва.
На тој меч Марио беше еден од клучните фигури во најдобриот старт во историјата за една земја домаќин на Светско првенство.
Марио не престана да испишува нови страници од неговата неверојатна биографија - влезе во четвртфинале на Мундијал со земјата која го прими со широко отворени раце.
Во Мосвка, центарфорот на Локомотива, Бразилецот Мајкон го вовел Фернандез во една од црквите на евангелските христијани што многу го сменило животот на Марио:
„Се сретнав со Бога. Фудбалерите имаат многу проблеми. И самиот бев немирен кога играв за Гремио: многу пиев, скитав цела ноќ по клубови, пропуштав тренинзи. Но сега црквата е мојот ми. Многу сум му благодарен на Бога за се што ми даде. Станав друг човек“, изјавил Фернандез за сајтот Чемпионат.com.