Убаво е некогаш човек да напише нешто за Ла Лига, а да не биде тоа за Меси, Барса, Реал и Атлетико, туку за првиот голман на македонската фудбалска репрезентација.
Столе Димитриевски е хит во Рајо Ваљекано, без преовеличување. По низата одлични партии, како и еден одбранет пенал на дуелот против Ваљадолид, клубот му стокми договор до 2022-ра година, а навивачите се пресреќни за потегот на раководството.
Македонскиот голман беше донесен на едно годишна позајмица од второлигашот Гимнастик на 31 август минатата година. Прво почна како втор голман, но уште во ноември му го лапна местото на првотимецот Алберто Гарсија кој е 8 години постар од него.
Не требаше на Столе да му истече позајмицата за Рајо да реши што со него, туку пред четири дена кога беше последниот рок за трансфери ја искористи опцијата за откуп и му даде три пол годишна доверба. Според шпанските медиуми трансферот изнесувал милион евра.
Рајо со Димитриевски освои 17 од можни 30 бодови и се наоѓа на делба на 17-то и 18-то место со Леганес со кој се среќава вечерва. Последниот пораз им датира од 15 декември кога загубија 1:0 од Реал Мадрид, а потоа Столе го доби македонското дерби против Леванте, како и средбите против Ваљадолид, Селта и Алавес. Ремизираа со Реал Сосиедад, што значи дека се во одличен ритам од 4 победи и една нерешена.
Колку е густо во долниот дел на табелата покажува фактот што меѓу 18-то пласираниот Рајо и 11-то пласираниот Леванте има разлика од само 4 бодови.
Столе е класичен пример кој покажува дека ако играш во една од најелитните лиги во светот, не значи дека си Господ. Во интервју за Марка кое го даде пред месец и пол, изјави дека во Мадрид се вози со метро.
„Тоа е најдобриот начин за да стигнете до центар. Одлично функционира метрото во Мадрид, го користам често, а се разбира имам и метро картичка“.
Рајо е клуб кој се наоѓа од предградието на Мадрид, но кога падна муабет за стадионот на Реал, тој рече:
„Тоа е еден од најдобрите стадиони во светот. За Македонец како мене е посебен бидејќи таму мојот колега Горан Пандев ја освои ЛШ со Интер“.
А сега внимавајте добро на реакцијата на навивачите на Рајо кога клубот соопшти дека му дале договор до 2022-ра година.
OFICIAL⚡️El Rayo Vallecano adquiere los derechos en propiedad de @Dimitrievski1 hasta 2022. pic.twitter.com/0SxaB9Gw5v
— Rayo Vallecano (@RayoVallecano) January 31, 2019