Статистика во Бундеслига незабележана на 6.515 меча

Да не го гледаше некој викендов мечот меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Мајнц или поточно да не чекал голови во прво?

Кој знае кое пцуење било по кладилници кај оние кои играле на голови во првиот дел на средбата Ајнтрахт - Мајнц.

Се работи за последниот меч од 10. коло во германскиот шампионат, кој донесе еден необичен податок.

Откако Опта се занимава со статистика од 2004/2005, период во кој се одиграно 6.515 натпревари во Бундеслигата, Ајнтрахт и Мајнц се први кои одиграле натпревар со само еден единствен шут во прво полувреме.

Дури и тој шут не завршил во рамки на гол, туку бил блокиран надвор од шеснаесетникот.

Летаргијата, произлезена веројатно од премногу пимплање во среден ред, за среќа завршила во тие први ултра досадни 45 минути.

За само неколку секунди од стартот на второто полувреме, веќе имало два обиди, а до крајот на последниот судиски свиреж мечот драстично живнал.

Во бројки тоа е 13:3 удари од кои 4:0 во рамки на гол во корист на домаќините, кои победија со 1:0.

10 ноември 2025 - 16:04