Откако Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) во јули даде зелено светло за применување на новите технологии на гол-линијата, проектот за прв пат ќе биде тестиран на стадионите во Јапонија на кои ќе се одигра Светското клупсо фудбалско првенство.
Технологијата „око соколово" веќе се користи во тенисот и крикетот и таа е базирана на снимки од повеќе камери, а „гол-реф" користи магнетно поле и специјална топка за разрешување на спорните ситуации за тоа дали топката ја поминала гол линијата или не.
Седумте камери на системот „око соколово" ќе бидат поставени на секој од головите на Тојота стадионот, а системот „гол-реф" ќе се употреби на стадионот во Јокохама. Откако топката ќе ја помине линијата, главниот судија ќе добие вибрирачки сигнал на специјалниот часовник кој ќе го носи на својата рака.
По завршувањето на првенството ФИФА ќе ги анализира резултатите и ќе го избере системот кој во март ќе се употребува на стадионите во Бразил за време на Купот на Конфедерациите.
На отворањето на Светското клупско првенство ќе играат јапонскиот клуб Хирошима и Оукленд од Нов Зеланд, а освен овие екипи, ќе настапат и шампионите на Африка (Ал Ахли од Египет), Азија (Улсан од Јужна Кореја), Северна и Централна Америка (Монтереј од Мексико), а во полуфиналето ќе им се приклучат и бразилскиот Коринтијанс и актуелниот европски шампион, Челси.
Минатата година во финалето на Светското клупско првенство Барселона го победи Сантос со 4:0.