Фудбалската репрезентација на Албанија е на прагот од историски пласман на едно големо натпреварување, овој пат Европско првенство во Франција следната година.
За таа цел, Албанците на 8-ми октомври ќе треба да ја победат Србија, а во исто време Данска да не победи на гостувањето во Португалија. Од друга страна, фудбалерите на Србија со евентуална победа во Елбасан би ги залечиле раните од мизерните квалификации во кои во моментов се последни со еден бод, зад Ерменија која има два.
По случувањата за време на првиот меч во Белград, и двете земји, двата сојузи и двете селекции не препуштаат ништо на случајот. Србите, пишува Моцартспорт, не им веруваат на Албанците во ништо и поради тоа за да избегнат непријатности, ангажирале готвач за делегацијата.
Оваа работа му ја довериле на Велимир Митровиќ, човек кој работел како главен готвач во хотелот „М“ и кој во минатото често патувал со српските фудбалски репрезентативци за да им готви. Задолжението на готвачот Митровиќ ќе му биде да ја провери храната, менито, како и оброците кои ќе ги јадат Бранислав Ивановиќ, Коларов, Немања Матиќ и другарите за време на дводневниот престој во Албанија.
Од фудбалскиот сојуз на Србија пак велат дека веруваат во добрите намери на домаќинот Албанија, а готвачот го ангажирале после случувањата во Белорусија кога фудбалерите на Луксембург добиле труење од храна.
Во групата И, прва е Португалија со 15 бодови и обезбеден пласман на Европското првенство. Данска е втора со 12, Албанија трета со 11, Ерменија четврта со 2 и Србија последна со само 1 бод од 6 натпревари. Во Франција ќе се квалификуваат првопласираните две репрезентации, а третиот ќе игра во баражот.