Српски фудбалер заробен во Иран

По Французинот кој изјави дека му доаѓа да се самоубие затоа што не може да го напушти Катар, уште една слична приказна ни доаѓа од Средниот Исток.

Српскиот фудбалер Горан Ловре ја дели истата судбина со Захир Белунис за кој пишувавме пред неколку дена. Тој е практично заробен во Иран затоа што од неговиот клуб Естенглал не му го враќаат пасошот.

31 годишниот поранешен играч на Андерлехт, Гронинген, Барнсли и Партизан се жали дека примил само 10% од платата за која потпишал договор со иранскиот клуб, а тие бараат да го раскине договорот за да си ги добие парите по 10 дена.

„Се чувствувам како роб и ако треба ќе ги тужам, а ќе ја известам и ФИФА за да знае што се случува во земја која е учесник на идното Светско првенство. Да знаев дека овде е ваква дивина немаше никогаш да дојдам. Мислев дека ова е сериозен клуб затоа што играше и во полуфиналето од Азиската Лига на шампиони, но тие се однесуваат како аматери", раскажува Ловре за српските медиуми.

Тој тврди дека не е единствениот ваков случај во оваа земја, а правдата очекува да ја добие преку српската амбасада во Иран од каде побарал привремена дозвола за излез. Но од таму му одговориле дека ги нема сите потребни документи за тоа и дека процедурата трае еден месец.

21 ноември 2013 - 16:02