Србинчето од паркот во Флорида стигна до финале на ЛШ

Босанскиот Србин кој беше откриен пред 9 години во парк во Флорида, ќе стане првиот Американец кој играл на финале од Лигата на шампиони. Ова е само фрагмент од неверојатната биографија на Невен Суботиќ.

Невен Суботиќ е роден во 1988-та година во Бања Лука и живеел во малото босанско градче Прњавор се до почетокот на војната. Пет годишниот Невен заедно со неговата сестра и мајка му се приклучуваат на татко му Жељко во Германија кој веќе неколку години претходно работел таму и праќал дома пари за да го прехрани семејството.

Откако им завршила дозволата за престој, за да не бидат депортирани назад во Босна, семејството Суботиќ се решава да замине во Солт Лејк Сити во САД, а по неколку години се селат во Флорида.

Малиот Невен секојдневно одел во паркот со фудбалска топка каде сам или со неговиот татко, си тренирал фудбал. Во паркот имало две фудбалски игралишта и тој ги користел слободните термини или пак им се приклучувал на екипите кога ќе им фалел по некој играч.

По некоја случајност на едно од игралиштата повремено индивидуални тренинзи држел Кит Фулк кој бил помошник тренер во фудбалската репрезентација на САД за играчи до 17 години. Тренерот го набљудувал 15-годишниот Невен цели две недели и бил импресиониран од неговата професионалност и менталитет.

Тренерот го поканил Невен да биде дел од тренинг кампот на репрезентацијата до 17 години, каде тој за прв пат во неговиот живот почуствувал како е да се работи на тренинг.

До тогаш Невен тренирал само со својот татко Жељко, кој работел како чистач и уште на неколку други работни места само за да може да го издржува семејството и да плаќа за часовите по тенис на неговата ќерка.

И селекторите на репрезентацијата на САД биле импресионирани од Невен па решиле да го повикаат во националниот тим за фудбалери до 17 години на гостувањето во Холандија.

За време на ова патување, Суботиќ бил забележан од агентот Стив Кели кој му договорил да оди на проба во Мајнц.

Останатото е историја. Во 2006-та година Суботиќ потпиша за Мајнц, а во 2008-та година кога тренерот Јирген Клоп се пресели во Борусија Дортмунд, со него го поведе и Суботиќ за кого платија 4,5 милиони евра.

За него се бореа репрезентациите на САД, Србија, Босна и Херцеговина, па дури и Хрватска и Германија, но кон крајот на 2008-та година тој се одлучи да настапува за земјата од каде што потекнува и од тогаш ги брани боите на Србија.

Во меѓувреме Невен Суботиќ стана главен столб во одбраната на Борусија Дортмунд и освои две шампионски титули во Бундеслигата, а во сабота во финалето против Баерн Минхен, Србинчето кое случајно беше откриено во парк во Флорида има шанса да ја освои и Лигата на шампиони.

23 мај 2013 - 10:01