Македонските клубови сезонава имаат коефицент 4,5 и се позиционираа на 39. место на клупската ранг листа на УЕФА. Коефициентот на ранг листата се базира на резултатите на клубовите во претходните 5 сезони. Секој тим на својата држава ѝ носи 2 бода за победа и еден бод за нерешено, а поените се сметаат од натпреварите во квалификациите и плејоф рундата.
Поради добрите изданија во Лигата на Европа, каде стигна до третото квалификациско коло, Металург според УЕФА е најдобриот македонски клуб и се наоѓа на 157. место. Две места зад него е нивниот градски ривал Работнички, кој е 159-ти. Вардар се наоѓа на 340. позиција.
Во досегашниот тек од сезоната, најдобар коефицент на клупски фудбал има Шпанија, а втора е Италија. На првите 5 места се уште и Англија, Германија и Франција. Шпанија е лидер и на листата за последните пет сезони, каде втора е Англија, а трета е Германија. Според коефициентите на секоја земја, УЕФА од година во година ги селектира екипите во посебни шешири при извлекувањето за европските натпреварувања.
Лидер во македонското првенство во моментов по 18 одиграни кола е Вардар со 38 бодови, Работнички има 3 помалку, а трета е тетовска Шкендија со 30 бодови. Во полуфиналето на домашниот куп ќе играат Тетекс - Турново и Работнички - Ренова. Двојната круна од лани ја брани Работнички.
Пред нашиот клупски фудбал се оној на Лихтенштајн, Грузија, Азербејџан и Казахстан, а зад нас по коефициент се клубовите од Р. Ирска, Црна Гора, Албанија и Ерменија.