Спектакуларниот пресврт на Франција против Белгија, вреден финале

По падот на европскиот првак кој капитулираше дома од Шпанија, гледавме уште една полуфинална мега пресметка во Лига на нации. Оваа беше многу подраматична и понеизвесна, а ја доби актуелниот светски шампион кој од 2:0 на полувреме, ја сврте на 2:3 во 90-та минута со голчиште на Тео Хернандес.

Бекот на Милан кој има постигнато 16 голови за росонерите беше јунак во Торино и вечер која ќе ја памети цел живот.

За Тео Хернандес ова беше само втор репрезентативен настан, ама прв на кој настапи заедно со брат му Лукас кој игра за Баерн Минхен. Згора на сè постигна деби гол и ја однесе својата земја во финале, само еден ден откако наполни 24 години.

89 години се нема случено за селекцијата на Франција заедно да настапат двајца браќа. Претохдните биле Жан и Лусиен Лорен во далечната 1932 година.

Финалето Шпанија - Франција се игра во недела со почеток од 20:45, а мечот за трето место меѓу Италија и Белгија е закажан за истиот ден од 15:00.

Одиме со ред:

Само 4 минути и беа доволни на Белгија да создаде 100% шанса за гол, но Љорис извонредно реагираше по ударот на Де Брујн

Белгија поведе со голот на Јаник Фереира Караско по 37 минути игра.

Само три минути подоцна на 2:0 зголеми Лукаку во свој стил.

Пресвртот го најави Бензема во 62-ра минута кој одлично се снајде во шеснасетник.

Набрзо потоа во 69-та минута, Мбапе од пенал израмни на 2:2.

Драмата на крај почна со Лукаку кој погоди во 87-ма минута за 3:2, но голот му беше поништен со ВАР поради офсајд.

Со истекот на последната минута Тео Хернандес реагираше во стилот на Роберто Карлос.

8 октомври 2021 - 08:04