СПАЛ - тимот со чудно име што ќе го гледаме во Серија А

Со две промоции во две сезони, скромниот клуб СПАЛ од градчето Ферара ќе игра во Серија А после цели 49 години! На стадиончето „Паоло Маца“ од татко на син шалот ќе го носат навивачи кои ќе ги гледаат Јуве, Рома, Лацио, Милан, Интер, Наполи...

Во 1968 година се играло последното коло од Серија А. Славниот Јувентус со голот на Џанфранко Ѕигони не само што го победил малиот СПАЛ, туку и го испаднал од лига. 49 години подоцна, неговиот син Џанмарко Ѕигони е еден од најзаслужните што СПАЛ се враќа во големото друштво после речиси половина век.

Сторија која може да ја напише само фудбалот.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ ЗА СПАЛ?

Ако на 23 април 2016 година, тимот од регионот Емилија се пласираше во Серија Б првпат после далечната 1993-та, 13 мај 2017 стана историски датум за СПАЛ кој се враќа во најпрестижната италијанска лига. И тоа пред носот на минатогодишните прволигаши Верона и Фрозионе.

Пред почетокот на сезоната во втората лига, СПАЛ чијшто клупски буџет бил мошне ограничен, можел да си приушти фудбалери на позајмица, па така во Ферара дошле: Кристијано Дел Гросо, напаѓачот Мирко Антенучи и младиот талент Кевин Бонифаци.

СПАЛ ја започна сезоната ужасно, со само една победа на шест меча, така што тренерот Леонардо Семпличи (1967) решил да менува тактика и резултатите почнале да пристигнуваат.

Мариано Арини станал клучен фудбалер на средината од теренот и цела игра зависела од него. Антенучи почнал да дава голови од коло во коло, а ветеранот Дел Гросо одиграл сјајна сезона која го потсетила на деновите од младоста во Серија А.

Фанстастична сезона одиграл и 19-годишниот голман Алекс Мерет кој дошол од Удинезе и кого сериозно го следи Јувентус. Голем придонес дале и младиот Мануел Лацари во средниот ред заедно со Пасквале Скјатарела кој стана најдобар асистент во екипата. Во зимскиот преоден рок заминале двајца важни играчи (Бегето во Џенова и Чери во Пескара), но дошол ветеранот Серџо Флокари кој брзо дал 5 гола на 8 меча за новиот клуб.

СПАЛ пред последното коло ја привршува сезоната со 21 победа и само 8 порази. Примија 38 гола (само Пиза и Специја примија помалку).

Квалитетот на екипата се гледа и во тоа што дури 15 различни играчи даваа голови (Антенучи е прв стрелец во екипата со 18 гола, Џанмарко Ѕигони даде 9 а Серџо Флокари 7 колку што има и Лука Мора). СПАЛ досега освои 75 бода од кои 44 на домашен терен и 31 на гостински.

Нема сомнение дека главен херој во целата приказна е тренерот Леонардо Семпличи.

СПАЛ заспал - беа дел од насловите во италијанските медиуми за составот кој во последните три кола одигра две нерешени средби (0:0 и двете) и една загуби. Но тоа не му сметаше на градот Ферара - мал историски град на Северо-Истокот од Италија со околу 134.000 жители да го прослави најубавиот момент поради кој од август на стадионот ќе им доаѓаат Јувентус, Рома, Лацио, Интер, Наполи, Милан...

Првото споменување на овој град датира некаде во 753 година п.н.е. а прв голем град во близина е Болоња. Самата историја на италијанскиот клуб од Ферара има како интересни, така и жални времиња. Оригиналното јадро на создавање било заложено во 1907 година која што се води како официјална година на раѓање на спортското друштво од кое после пет години излегува фудбалска секција.

Центарот на градот Ферара во Италија

Клубот кој како спортска гранка бил одвоен од уметноста и религијата го нарекле SPAL и од основањето играл 20 сезони во Серија А. Последен пат биле дел од најдобрата лига во сезоната 1967/68 кога завршиле 14-ти од 16 екипи.

Од 1928 година СПАЛ игра на градскиот стадион „Паоло Маца“ (17.900 седишта), наречен во чест на италијанскиот тренер и функционер кој долги години бил спортски директор на СПАЛ во најуспешното време во историјата на овој клуб.

5-то место во сезоната 1959/1960 ги натерало навивачите и фудбалерите да веруваат дека еден ден може да се качат на врвот. Во 1962 година Паоло Маца бил поставен за селектор на Италија со која не успеал да ги мине групите на Мундијалот 1962 во Чиле.

Малиот клуб од малиот град каде работел Паоло Маца имал талентирани фудбалери кои често биле мета на големите екипи па така на пример Марио Астори го купиле се на се за 25.000 фунти а го продале во Јувентус за 2 милиони. Друг легендарен играч од златните времиња на СПАЛ бил и Еџисто Пандолфини кој заминал во Фиорентина и станал незаменлив лидер на репрезентацијата на Италија.

Најголемиот изданок на СПАЛ без сомнеж е дон Фабио Капело, човекот кој во ’60-те години играл за тимот од Ферара од каде во ’69-та заминува за Рим да игра за Рома.

Како се приближувал XXI век, така СПАЛ запаѓал во сериозни финансиски проблеми. Повеќе од три децении играле во Серија Ц1 и Серија Ц2, а во 2005 година доживеале финансиски крах и банкрот. Во 2012 година СПАЛ добива уште еден „шамар“ и после вториот банкрот е исфрлен во страдалната Серија Д.

Година дена подоцна, во 2013-та клубот се обединил (се фузирал) со тимот Џакоменсе од Серија Ц благодарение на новиот сопственик Роберто Бенашути. Клубот тогаш го добил и новото официјално име С.П.А.Л. 2013. (SPAL 2013). Тогаш никој не ни смеел да помисли дека СПАЛ еден ден во 2016-та ќе слави пласман во Серија Б, а набрзо почнале да ја сонуваат и Серија А.

Тренерот на СПАЛ, Леонардо Семпличи

Предводен од претседателот Валтер Матиоли, од сопственикот Франческо Коломбарини, спортскиот директор Чезаре Бутели и главниот тренер Леонардо Семпличи, СПАЛ на градчето Ферара му даде причина да се фали дека е дел од престижното друштво на градови кои имаат прволигаши.