Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал. Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат, стои во дел од соопштението на ФФМ.
Соопштение кое воопшто не наиде на позитивни коментари на социјалните мрежи, во кои многу јасно се гледа гневот и разочараноста на навивачите.
Тие често пати знаат да бидат остри и вулгарни, особено после порази, но овој пат се точни и основани. Македонија на 12 ноември 2020-та направи чекор плус или поточно гигантски исчекор напред за репрезентативниот фудбал, но за експресно брзо време се врати два назад.
Историјата во Тбилиси и навивачката инвазија во Букурешт не требаше да бидат само инстант успех и моментална радост после сето тридецениско проклетие, туку мотив и повод за напредок.
Не веруваме дека после тие блескави и незаборавни мигови во кои добивме репрезентација за респект, која стана сакана, која играше фудбал и која иташе храбро и сигурно кон победи, некој ќе се задоволи со 1:1 против Италија и Англија. Резултати само за сатисфакција.
Две и пол години после историскиот пласман на ЕП, не само што не сме на подобро или барем на исто ниво, ние се придвиживме назад, влезени одново во тој мачен и многу добро познат балон на изговори и излитени фрази.
Ако претпоставивме дека „плукачите“ на тастатура претеруваат, а навивачите кои од трибините го свират Милевски грешат во проценките, тогаш ајде да ги погледнеме фактите.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Мундијалските квалификации за пласман во Катар 2022 беа најуспешни за Македонија ако се земат предвид сите редовни квалификациски циклуси во историјата.
Пласман на второ место со 18 бода, зад Германија која се пласираше како лидер со 27 бода. Квалификации со два селектори, две фудбалски чуда на гости, но и неколку киксови, бледа игра и пролем со реализацијата.
Боби Милевски токму од тука ја почна авантурата со националниот тим, откако наследи 6 бода од неговиот претходник, Игор Ангеловски, односно победата од 5:0 над Лихтенштајн и сензационалниот триумф над Германија од 1:2.
Почна лошо и неубедливо, со две нерешени на домашен терен против Ерменија и Романија, а меѓу двете средби одигра 2:2 во Исланд против кој имавме водство од 0:2.
И на двете средби дома, Македонија не постигна гол, а Милевски даде изненадувачка изјава, дека оваа селекција го игра најубавиот фудбал до сега.
Трите победи до крајот како да дадоа надеж дека е во право, но резултатите во следното изнадние од Лигата на нации го спуштија на земја. Се случија после заверката во баражот каде среде Палермо ја урнавме Италија, а потоа немавме сили и за Португалија.
ЛИГА НА НАЦИИ 2022/2023
Токму ова е филтерот преку кој успеавме и кој ни ја даде историската шанса за големо натпреварување. И наместо да го искористиме, ние се посрамотивме.
Лигата на нации не носи противници ниту од прв, ниту од втор ешалон за Македонија да ги заврши толку бедно, па да се правиме мутави дека сме на вистинскиот пат. 6 меча - 7 бода и гол разлика 7:7.
Двете единствени победи во групата се остварени против аматерите од Гибралтар. Грузија не збриша со вкупни 5:0 на двете средби, а со Бугарите таму ремизиравме и дома загубивме.
На пресовите истите тези, дека имаме игра и се бориме, ама немаме среќа во реализацијата. За споредба, Македонија во првото издание на Лига на нации, постигна двојно повеќе голови и заврши во група со 5 победи и 1 пораз, а потоа пласман на ЕП преку победите над Косово и Грузија.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
И се разбира во вториот обид за да се направи бис на Европско беше и нереално да се бара пропуштеното од селекциите против кои моравме да играме далеку подобро, поефикасно и со подобри резултати.
Овие противници не се викаа Бугарија и Грузија, туку Англија и Италија кои ја оправдаа целта, пред Македонија, Украина и Малта, кои излегоа само учесници.
2 победи, 2 нерешени за радост и 4 порази од кои два срамни: 5:2 од Италија и 7:0 од Англија.
И наместо оставка како реалност после трите циклуси која беше очекувана, Милевски доби нов договор, под полна поддршка на ФФМ, но и на нашата Златна копачка, која во сите интервјуа ги игнорира Пандев и Мрме и потенцира дека актуелниот селектор е најдобриот што сме го имале.
Во долгиот список на селектори кои ги имала Македонија никаде не успеавме да го прочитаме тоа што го тврди Панчев за Боби. Таму стојат следниве факти:
Благоја Милевски: 9 победи, 7 нерешени и 10 порази со процент на победи 34.62.
Игор Ангеловски: 23 победи, 11 нерешени, 18 порази со процент на победи 44,23 или број 1 според овој параметар, како и прв кој ја однесе Македонија на Европско и направи култ од репрезентацијата заедно со Пандев и дружината.
Што е следната цел на Македонија во следното издание од Лига на нации и редовните квалификации за СП 2026, знае ли некој? Кога Ангеловски беше назначен за селектор, пред играчите се претстави со цел која се викаше пласман на ЕП.
Филип Нацоски