Снајдер и Дрогба елиминирани од „татко им“ Мурињо

Жозе Мурињо е многу интелигентен тренер и остроумен тактичар на теренот, но една од неговите најдобри особини е и односот кој тој го развива со неговите играчи. Тој третман добро го искусија Весли Снајдер и Дидие Дрогба.

Мајка му на Мурињо во неговите тинејџерски години го запишала на бизнис училиште, но тој се отпишал уште првиот ден и решил да му се посвети на спортот, пријавувајќи се на Институтот за физичка култура во Лисабон. Тој таму обрнувал посебно внимание на психолошката страна на фудбалот, верувајќи дека потешкиот дел од менаџирањето на еден тим е да успееш да се справиш со група на играчи кои имаат различно минато, култура и националност.

Мурињо во тоа успева преку индивидуални контакти со секој фудбалер, но сите ги третира подеднакво и како дел од еден колектив.

Постојат безброј примери за неверојатната поврзаност на Мурињо со своите фудбалери. Веројатно сите се сеќавате на емотивното збогување на Протугалецот и Матераци кога Мурињо го најави неговото заминување од Интер, а Есиен пак кога зборува за него го користи зборот „тате".

На почетокот на оваа година Галатасарај го одврза ќесето и во своите редови ги доведе Весли Снајдер и Дидие Дрогба.

И двајцата пред да потпишат за Галатасарај, побарале совет од Мурињо.

Му се јавив пред да ја донесам одлуката затоа што тој е важна личност во мојата кариера. Тој ми даде многу добар совет", изјави Снајдер.

Судбината сакаше нивниот тим во четвртфиналето да се сретне со Реал Мадрид на Мурњио.

Мурињо ми е како втор татко. Тој не е како останатите тренери. Тој е посебен. Разликата е во начинот на кој што тој ќе ти помогне ако не си во форма. Тој обрнува внимание на секој детал и секогаш знае како да ти пријде со совет", изјави Снајдер во пресрет на двобојот.

Слична беше и пораката од Дрогба:

Ќе играм против мојот татко, Мурињо. Тој има посебно место во моето срце. Тој е личност која секогаш се грижи за играчите и прави се за да го извлече максимумот од нив", беа зборовите на Дрогба.

Мурињо му беше тренер на Дрогба пред скоро 5 години, но тие се во постојан контакт. Дрогба дури и се жалеше дека додека играл во Кина, Мурињо постојано го будел со СМС пораки во ноќта заради различните временски зони.

Снајдер и Дрогба имаат посебно сеќавање и од Мадрид. Снајдер има освоено титула во Шпанија со Реал Мадрид, а Дрогба на Бернабеу го имаше своето европско деби. Но она што ги поврзува овие двајца фудбалери е Жозе Мурињо - нивниот втор татко кој на крајот излезе како поуспешен во четвртфиналниот дуел.

10 април 2013 - 13:06