Смртни закани за судијата на мечот Хајдук - Динамо З.

Судијата Бруно Мариќ од хрватскиот град Дарувар бил во полиција да даде изјава, откако на мобилниот постојано му стигнувале смртни закани по мечот Хајдук - Динамо З. каде свирна пенал за гостите во 93-та минута.

Професијата фудбалски судија знае да биде многу тешка, затоа што нивните грешки често се под лупа на целата јавност.

Тоа најдобро на своја кожа го почувствува Бруно Мариќ од Дарувар, судија кој го судеше вечното хрватско дерби меѓу Хајдук Сплит и Динамо Загреб.

Како ретко кога во последните 10 години, Хајдук целосно доминираше, имаше 9 шута во рамките на голот на Динамо, но не успеа да даде гол. Како капак на се им дојде пеналот досуден за Динамо во финишот. Полуде Пољуд и малку фалеше да избијат нереди, а реагираше и упрвата и клупата на Хајдук. Среќно по судијата Мариќ, Динамо не го реализираше пеналот и резултатот остана 0:0.

Бруно Мариќ денес одржа конференција за новинари на која откри дека цело време добива смртни закани, а на пресот покажал и неколку СМС пораки од навивачите на Хајдук.

„Дербито меѓу Динамо и Хајдук веќе никогаш нема да го судам. Пеналот го досудив врз основа на тоа што бев апсолутно сигурен. Веројатно на сите им е јасно дека да досудиш пенал за Динамо на Пољуд во Сплит во 93-та минута и кога се викаш Бруно Мариќ мора 100% да бидеш сигурен во својата одлука. Ја разбирам негативната енергија, посебно поради мојата историја со Хајдук, но одлуката беше само моја и не ја донесов на далечински управувач од некој друг", кажа Бруно Мариќ на денешната прес конференција.

Покрај пеналот против нив, Хајдуковците му биле бесни на Мариќ и поради тоа што наводно не свирнал пенал за нив во првото полувреме кога играч на Динамо играл со рака во својот шеснаесетник. Веднаш по мечот, луѓето од управата и стручниот штаб на Хајдук го опколија судијата Мариќ кој доби заштита од полицијата која му осигурала придружба до излезот од Сплит.

„Би простил секому, но некој со студена глава да ми се заканува дека ќе ми го одземе животот само затоа што сум донел спортска одлука на спортско борилиште, тоа е неприфатливо", констатирал Мариќ кој на крај им покажал стотици пораки со смртни закани на новинарите.

Сите спорни моменти на мечот Хајдук - Динамо Загреб:

Малку од врвната атмосфера на Торцида пред мечот:

 

21 септември 2015 - 13:37