Според порталот Спорт Медијасет, кој е близок до Милан, Кевин Принц Боатенг е на чекор од враќање на Сан Сиро. Репрезентативецот на Гана е слободен фудбалер и комотно може да бира нова средина, откако пред 2 месеци Шалке го отпушти поради недисциплина. Фудбалерот од средниот ред во Милан играше три години, од 2010. до 2013. и во тој период освои едно Скудето и еден Суперкуп на Италија.
Ако во Милан беше еден од носителите на играта, Боатенг не се снајде најдобро во Шалке каде на 19 натпревари не даде ниту еден гол. За репрезентацијата на Гана дебитираше во 2010. година и досега одигра 15 натпревари на кои даде 2 гола. Во кариерата играше уште и за Херта, Тотехнем, Борусија Дортмунд, Портсмут и Џенова.
Во случај Боатенг и официјално да се врати во Милан, тоа ќе биде зделка ала Галијани, затоа што Росонерите го продадоа 28-годишниот Боатенг во Шалке за 10 милиони евра, а сега би го вратиле без никаков надомест. Чиста сметка долга љубов.
Милан веќе го ангажираше Колумбиецот Џексон Мартинез, а сè почесто се зборува дека на Сан Сиро би можел да се врати и Златан Ибрахимовиќ, со што тренерот Синиша Михајловиќ би имал прав дрим-тим на располагање. Росонерите следната сезона ќе се фокусираат само на домашните натпреварувања, затоа што сезонава завршија 10-ти и не обезбедија излез во Европа.