Словаците со две шанси до три бода на Филип Втори

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе третиот пораз во квалификациите за ЕП 2016, вкупно петти од Словачка во досегашните седум меѓусебни дуели. Со головите на Адам Немец и Јурај Кучка, Словачка и натаму е на прво место во групата со максимален ефект.

Нашите репрезентативци и вечерва имаа игра, посед на топка, создадоа неколку сериозни шанси, но повторно излегоа како поразени од квалификациски дуел. Словаците си заминаа од Скопје со три бода, а македонските фудбалери ќе го чекаат март и дуелот со Белорусија за ново докажување.

Селекторот Бошко Ѓуровски не калкулираше и уште од самиот старт се реши за офанзивна игра. И покрај отсутните Агим Ибраими и Адис Јаховиќ, Ѓуровски се одлучи за напаѓачка варијанта со три офанзивни фудбалери, Ацо Стојков, Бесарт Абдурахими и Крсте Велкоски.

Словаците први се заканија во 6' минута преку Марек Хамшик, а Македонија возврати минута подоцна, но Александар Трајковски шутираше непрецизно. По благата иницијатива, Словаците поведоа во 25' минута. По асистенцијата на Владимир Вајс, Адам Немец се најде сам пред Пачовски, по што фудбалерот на Унион Берлин, по киксот на Алиоски лесно го отвори резулатот.

Избраниците на Бошко Ѓуровски и покрај примениот гол продолжија со отворен фудбал, но првопласираната селекција во групата искусно го искористи тоа и во 37' минута зголеми на 0:2. Како и за првиот, така и за вториот гол, Словаците ја почнаа акцијата по левата страна, Хамшик го пронајде Јурај Кучка, кој уфрли по земја и по големиот кикс на Ванче Шиков, Адам Немец само пласираше во голот на Томе Пачовски. До крајот на првиот дел, Александар Трајковски на два пати шутираше одлично од слободен удар, но еднаш пречката го спаси Петернак, а вториот пат словачкиот голман реагираше присебно.

Со шут од 25 метри во 50' минута, Бесарт Абдурахими најави отворен фудбал и во второто полувреме. Македонија имаше иницијатива, Словаците целосно се повлекоа, но безуспешни беа обидите на Трајковски и Велкоски на половина час до крајот.

Во 70' минута, гостинскиот селектор се одлучи да ги замени Кучка и Вајс и внесе одбранбени фудбалери. Од тој момент, Словаците целосно ја препуштија играта на домаќините, кои до крајот имаа шанси по шутот од поле на Бесарт Абдурахими и Ванче Шиков со глава по корнерот на Трајковски. По судискиот крај на мечот, околу 1000 словачки навивачи со Хамшик, Шкртел и другарите ја прославија четвртата победа, пред гостувањето во Шпанија на пролет..


Во останатите натпревари од нашата група, Украина убедливо славеше во Луксембруг 0:4, а Шпанија дома очекувано стигна до нови три бода против Белорусија 3:0.

ТАБЕЛА: Словачка 12 бода, Украина 9, Шпанија 9, МАКЕДОНИЈА 3, Белорусија 1, Луксембург 1 бод.