Изминатото лето духот на неизвесноста лебдеше над фудбалскиот клуб Вардар. Во ситуација кога не се знаеше каква ќе биде состојбата со управувањето на клубот, дали ќе има средства за да се „истера“ сезоната до крај, кој останува а кој си оди, на играчите и тренерот Васовски не им преостана ништо друго освен да тренираат и да пробаат да одиграат една нормална сезона.
А тие не само што се кренаа над сите проблеми, туку одиграа сјајна полусезона - 10 победи, 5 нерешени средби и 2 порази. Собраа 35 бода, ја освоија есенската титула и се на добар пат прволигашкиот маратон први да го пројдат низ целта и да ја освојат 11-та шампионска титула.
За таа цел, и тоа како добро ќе им дојде триумф над опоравената Шкендија која по очајниот старт на сезоната, ја крена формата со новиот тренер и врза неколку важни победи, меѓу кои и онаа токму над главниот ривал, во реваншот од Купот на Македонија
Во случај Вардар да победи во недела од 13:00 часот („Градски стадион“), „црвено-црните“ ќе се одлепат на 11 бодови предност што ќе биде голема позитива пред почетокот на пролетната полусезона.
Амбиентот околу клубот е добар, а за тоа се погрижија најверните, Комитите кои деновиве ќе одбележат неколку јубилеи: 20 години од главната подгрупа „Лојал Фанс“, 5 години од основањето на подгрупата Комити Маџари, како и 10 години од братското здружување со тетовски „Војводи“.
Комити журката ќе ја почнат со традиционалното дефиле и автомобилски колони, во петок од 18:30 часот кога со сирените од колите ќе пробаат да го потсетат Скопје дека фудбалерите заслужуваат поддршка, најмалку еднаква на онаа која што ја има ракометната секција на клубот.
За дербито со Шкендија од 13:00 часот во недела Комити најавуваат голема бројност и неколку изненадувања од својата западна трибина.