Европската куќа на фудбалот денеска ќе ја објави листата на 13 градови кои за шест години ќе ги нагостат најдобрите фудбалски селекции на континентот. Фудбалската федерација на Македонија пред една година испрати кандидатура во која ја предложи арената „Филип Втори“ за два натпревари од групната фаза.
Во очи на гласањето по кое ќе биде познато кои ќе бидат домаќини на револуционерното Европско првенство, елитниот германскиот медиум повикувајќи се на извори на Извршниот комитет на УЕФА тврди дека Скопје, заедно со Софија, Минск и Ерусалим ќе отпаднат од трката.
Од големите градови кои речиси сигурно ќе бидат дел од ЕУРО 2020 се Лондон и Минхен, но помеѓу моќните фудбалски земји паднал и договор за да не си попречат во плановите.
Германците немаат намера да му бидат конкуренција на Лондон за одигрувањето на финалето и се борат да бидат домаќини на четвртфинален меч и три средби од групната фаза. Тие се фокусираат на Европското во 2024 година на кое сакаат да бидат единствени домаќини.
„Зборувавме со Англија за тоа да не се обидува да биде домаќин на ЕУРО 2024 и да ја поддржат нашата кампања. За возврат, ние нема да се трудиме да го добиеме финалето 2020 и ќе ги поддржиме во кандидатурата за ЕУРО 2028“, зборуваше отворено за „Спортбилд“, генералниот секретар на Фудбалската федерација на Германија, Хелмут Сандрок.
За Германија, 2024-та може да биде голема спортска година во која се потенцијални домаќини на Европското првенство во фудбал и Летните Олимписки игри кои би се одржале во Хамбург или Берлин.