Сеќавање на ЕП 2004

Скокот на Харистеас, плачот на Роналдо и молкот во Лисабон

Ниту еден фудбалски навивач на планетава сигурно немаше типувано дека 2004-та ќе донесе финалиња како Порто и Монако во Лига на шампиони и Португалија и Грција на Европско. Згора на се Грците два пати го шокираа домаќинот предводен од Фиго, Руи Коста, Деко и Роналдо.

За прв пат во историјата на големите натпреварувања селекциите кои го отворија Европското првенство, беа истите тие кои го одиграа и последниот меч. На 12 јуни во Порто на Естадио Драгао, судија беше Пјерлуиџи Колина, а Грција го изненади домаќинот со 2:1.
 
Тоа беше само најава за сензационалните резултати на ова Европско првенство на кое групната фаза не ја преживеаа Германија, Шпанија и Италија. Шпанците загубија од Русија и Португалија, а ремизираа со Грците. Италија одиграаа нерешено со Данска и Шведска и оствари пирова победа против Бугарија. Германците пак си заминаа без победа. Реми со Холандија и Латвија и пораз од Чешка која го имаше најдобриот стрелец на првенство, Милан Барош со 5 погодоци.
 
 
Не беше воопшто лесен распоредот за Португалија и Грција да се пробијат до финалето, но првенството мина целосно со изненадувања. Португалија ја има Англија на пенали, потоа Холандија, а Грците го урнаа актуелниот Европски првак Франција со голот на Харистеас, а потоа и незгодната Чешка со голот на Делас во 106-та минута.
 
На 4 јули во Лисабон, Естадио да Луж не памети таква тишина, каде 62.000 гледачи беа сведоци на едно од најголемите изненадувања во историјата на фудбалот. Грција ги имаше Делас од Рома, Николаидис од Атлетико Мадрид, Фусас од Бенфика, Вризас од Фиорентина, Карагунис од Интер и Харистеас од Вердер кој таа година беше шампион во Бундес лигата. Поголемиот дел од тимот настапуваа во грчкиот шампионат, а селектор им беше Ото Рехангел.
 
 
Но нивниот состав не можеше никако да се спореди со оној на Луис Фелипе Сколари кој располагаше со имиња како Фиго, Руи Коста, Роналдо, Деко, Паулета, Нуњо Гомеш, Постига, Коуто, Фереира, Карваљо, Маниче.
 
1:0 беше резултатот со кој Грција ги минаа четврт и полуфиналето, а 1:0 беше доволно за да го добијат и финалето против домаќинот кој беше апсолутен фаворит на мечот. Кобен за Португалците беше корнерот во 57 минута по кој Харистеас беше највисок. Тие имаа 16 обиди кон голот на Никополидис, а Грците само 4. Статистика која не секогаш му помага на подобриот.
 
 
Грците претходно беа учесници само на две големи натпреварувања: ЕП 1980 и СП 1994 на кои не победија ниту еднаш, но Европското во Португалија ќе остане историско. Победа против домаќинот на отворањето, елиминација на актуелниот шампион предводен од Зидан, Анри и Трезеге и уште една победа против Португалија во финалето.
 
Голот на Харистеас со грчки коментатор
 

Хајлајтс од финалето

 

10 јули 2016 - 15:30