Италијанскиот Goal.com синоќа ја потврди информацијата што кружеше по социјалните мрежи. Скендербег е исфрлен од европските натпреварувања на цели десет години.
Во нивниот текст објавена е и фотографија од документот на УЕФА којшто ја потврдува казната.
Скендербег уште во сезоната 2015/2016 местел натпревари во албанското првенство, но и во Европа. Неколкуте опомени кои им стигнувале од највисоките инстанци на УЕФА не ги вразумиле поради што Скендербег во сезоната 2016/2017 беше исфрлен од еврокуповите, но истрагата продолжила и на 7. февруари УЕФА ја донела драконската одлука со која им става до знаење на клубовите дека нема да толерира такво нешто.
Неколку албански медиуми ја пренесоа веста и ги открија клубовите против кои Скендербег „ги штелал“ резултатите: Крусајдерз, Спортинг, Локомотив Москва и Динамо Загреб.
Приказната не е сосем нова зошто веќе некое време се спомнуваше мечот Скендербег и Динамо од 2015-та а хрватскиот клуб немал ништо со тоа.
Мотивите за истрагата на УЕФА биле дополнително подгреани откако во 2016-та беше откриен енормен скандал за серија натпревари од албанската прва лига Категорија Супериоре, па титулата на Скендербег освоена 2015/2016 им беше одземена минатата година.
УЕФА еднаш го суспендираше Скендербег но очигледно дека истрагата отишла далеку па така Дисциплинскиот и Етички комитет на УЕФА изрекоа драконска казна.
Клубот од Корча има право на жалба која ако биде одбиена ќе значи дека Европа ќе ја видат таму некаде во 2028-ма година.