Квалификации за Лига на шампиони

Сјајниот Вардар го прегази Малме и оди во трето коло!

Пред околу 5.000 гледачи на стадионот „Младост“ во Струмица, фудбалерите на Вардар го одиграа можеби најдобриот меч во последните неколку години и сосема заслужено му одржаа лекција на шведскиот шампион Малме 3-1 (0-1)

Реваншот Вардар - Малме се играше на стадионот „Младост“ во Струмица поради тоа што УЕФА сака тревникот на „ВИП Арената“ во Скопје да биде во најдобра можна состојба пред Супер Купот на 8. август. Швеѓаните, во голем дел со право се жалеа од лошиот терен на стадионот во Струмица, но како за нив така и за Вардар.

Вардарци од Шведска донесоа позитивни 1-1 поради што Малме од самиот старт ја презеде иницијативата но без посериозни шанси кон голот на Филип Гачевски. Од друга страна Вардар беше поставен слично како и на првиот меч, дефанзивно ориентиран и со Хуан Фелипе и Балотели во офанзивата кои користеа повеќе простор на противничката половина.

Првите 15 минути поминаа на полето на Вардар а во тој период некако во главна улога беше украинскиот судија Анатолиј Зебченко со неколку спорни одлуки.

Токму во 16’ минута по една акција на повратникот во тимот на Малме, капитенот Маркус Розенберг со неговиот партнер од нападот Берген, некогашниот играч на Ајакс беше соборен од Гачевски во шеснаесетникот по што Украинецот покажа на белата точка без размислување и му даде жолт на Гачевски.

Сигурен реализатор беше Розенберг за радост на околу 200-300 гостински навивачи.

Играчите на македонскиот првак не се демотивираа после примениот гол и направија неколку добри шанси за гол а најспорен момент на мечот беше тешкиот фаул на последниот човек во одбраната на Малме, Франц Брорсон кој грубо стартуваше врз Балотели кој ќе истрчаше сам пред голот на Виланд а судијата му покажа само жолт картон. Тој момент ја изреволтира публиката која го скандираше добро познатиот стих за УЕФА.

До крајот на првиот дел Скопјани се обидоа да израмнат но немаше многу време и на паузата се отиде со 0-1.

Свесни дека противникот не покажува ништо поквалитетен фудбал од нив на теренот и дека може да се носат играчки со Малме, Вардарци излегоа офанзивно во вториот дел. Тоа резултираше со израмнување после само 11 минути игра. Капитенот Грнчаров во 56’ минута беше на право место во право време и по прекрасниот центаршут на Хуан Фелипе со глава го израмни резултатот на 1-1. Сосема заслужено!



Само три минути подоцна Бразилецот Фелипе направи дар-мар во одбраната на Малме и беше фаулиран во казнениот простор после што Забченко немаше друга опција освен да покаже на белата точка. Пеналот го изведуваше Хуан Фелипе, но промаши а на одбиената топка налета Барсегјан и постигна убав гол за целосен пресврт! 2-1 за Вардар во 60’ минута.

Во продолжение од мечот, гостинскиот тренер Пехрсон се обиде со две измени да ја смени состојбата на теренот, но Вардар ја имаше контролата над средбата и имаше неколку шанси да стави точка на мечот но одличниот вечерва Балотели не реализираше во два наврати.

Сепак, во судиското продолжение, поточно во ’91 минута Бобан Николов наплати за зицерот на Бразилецот и на асистенција на Дејан Блажевски постигна ефектен гол за конечни 3-1!

Вардар кој оствари голема победа, една од поголемите во клупската историја на европски план заслужено се пласираше во 3. коло. А таму ги чека победникот од двомечот Копенхаген - Жилина. Реваншот меѓу овие два тима се игра утре а првиот меч го добија Данците 1-3 и голема е веројатноста дека Вардар повторно ќе гостува во Скандинавија.